Јавното станбено претпријатие е нов сопственик на големата зграда на НИП “Нова Македонија”. На вчерашната лицитација, интерес за овој атрактивен објект пројави единствено ова претпријатие, кое за 14-катницата понуди 6,66 милиони евра. Денес, стечајниот управник на НИП-от ќе побара од стечајниот совет да ја потврди продажбата, по што во наредните 15 дена ќе се потпише купопродажниот договор, а целата процедура се планира да заврши до крајот на август. Според стечајниот управник Ангелина Гогушевска, сите доверители на НИП-от ќе добијат по 25 отсто од своите побарувања, односно ќе делат малку повеќе од 6 милиони евра, бидејќи 513 илјади евра ќе и припаднат на Управата за јавни приходи по основ на хипотека на 600 метри квадратни во приземјето на зградата.
Оваа зграда е со квадратура од 13.606 метри квадратни и според цената по која е продадена, еден квадрат чини 500 евра. Ова е последен објект од имотот на некогашната “Нова Македонија” кој остана за продажба. До сега продадена е малата зграда за 2,7 милиони евра, печатницата за 2,3 милиони евра и сега големата зграда за 6,6 милиони евра, со што имотот на НИП-от, проценет на 23 милиони евра, е продаден за околу 14 милиони евра. Во овој износ се пресметани и продажбата на трафиките, возилата и инвентарот. Од имотот не се продадени уште магацинот во Јурумлери од 1.300 квадрати и 3.000 метри квадратни земјиште, за кое се води сопственички спор со државата, како и деловен простор во Гевгелија и пет-шест автомобили. Парите од овие продажби, како и средства кои се тргнати на сметка на име на резервации за наплата на тужбени побарувања и спорови, а на која сега има околу 30 милиони денари ќе ги делат сите доверители во конечна распределба на имотот на НИП-от. Според Гогушевска, во овој објект се очекува да се вселат Министерството за финансии како и дирекциите на Министерството за екомонија. Таа вчера изрази задоволство од постигнатата цена, бидејќи, како што изјави, повеќе и не можеше да се добие со оглед на тоа што имаше само еден заинтересиран купувач.


Платите ќе чекаат на Тасев и Фетаи
Петте плати што НИП-от ги должи на поранешните 1.400 вработени не се влезени во стечајната маса. Ова вчера го потврди Гогушевска која истакна дека овие средства на име на плати, стечајниот управник ги има пријавено како отштетно побарување во судскиот предмет против поранешниот директор на “Нова Македонија”, Никола Тасев и ексминистерот за економија Бесник Фетаи. Односно судбината на петте плати ќе се знае дури по расчистувањето на судските процеси против Тасев и Фетаи.


Весна М. БОЖИНОВСКА