Драшковиќ клучна личност?
Контроверзниот српски бизнисмен Андрија Драшковиќ во неделата бил уапсен на царинскиот терминал на аеродромот во Франкфурт, каде пристигнал од Белград. Акцијата на германската полиција била изведена врз основа на европската потерница, издадена по барање на Одделот за борба со мафијата во Бари, поради криминално здружување и шверц на цигари на меѓународно ниво.
Италијанската агенција Анса прва ја објави веста за апсењето на Драшковиќ, но не ги наведува причините за тоа. Сепак, упатените велат дека апсењето е поврзано со истрагата која е во тек во Италија, а е поврзана со шверцот на дрога и цигари во текот на деведесеттите години од минатиот век. Драшковиќ им е позната “фаца” на италијанските истражни органи, бидејќи обвинителот од Бари, Ѓузепе Шелѕи, веќе го испрашувал во 2002 година кога лежел во затворот во Сремска Митровица. Но, тогаш не била покрената меѓународна потерница против него, како и во многу случаии пред и потоа. Се смета дека сега Италијанците имаат некакви докази против него, поради што и распишале меѓународна потерница. Драшковиќ, тие го сметаат за еден од најзначјните луѓе во синџирот на шверц со цигари во деведесеттите години.