Драшковиќ заштитен сведок против Ѓукановиќ?
На контроверзниот српски бизнисмен Андрија Драшковиќ италијанските власти наскоро може да му понудат стаус на заштитен сведок против Мило Ѓукановиќ, поранешниот премиер на Црна Гора, пишува вчерашен “Курир”. Ако Драшковиќ одбие да го кодоши Ѓукановиќ, или проба да ескивира евентувален одговор пред италијанските обвинители, извесно е дека ќе си потпише долгогодишна робија.
Според “Курир”, Драшковиќ кој во 2002 година веќе бил во затвор за шверц на цигари и наркотици, тогаш бил испрашуван и од италијанскиот обвинител Ѓузепе Шелѕи, но наводно не сакал да го кодоши “Дон Мило”. Во тоа време и едниот и другиот биле осомничени за здружување во меѓународна илегална трговија со цигари и ставени на црна листа, на која и денеска се наѓаат, пишува “Курир”.
Сознанијата на италијанските истражни органи се дека тогаш цигарите се купувале во Америка, а преку Црна Гора биле шверцувани во Италија и земјите на ЕУ. Главните алки во синџирот, според весникот, биле италијанските мафијашки семејства кои тогаш престојувале во Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Андрија Драшковиќ.