Младите до 35 години конечно ќе можат да ја градат својата иднина благодарение на поволностите кои Владата ги предвидува преку проектот “Купи куќа за млади”. Оние кои ги исполнуваат условите, можат да добијат до 33.000 илјади евра неповратни средства, како субвенции, и истите да ги наменат за купување, изградба или надградба на куќа.

По предложените потенцијални локации во сопственост на државата, од страна на Агенцијата за катастар на недвижности и општините, одлучено е проектот да стартува од општина Сопиште.
Оваа општина која е во непосредна близина на главниот град и го зафаќа југозападниот дел на Скопската котлина, покрај реката Маркова Сушица, на падините на Водно, се смета за многу актуелна и примамлива локација за младите.

Граѓаните кои ги исполнуваат предвидените услови, потребно е да обезбедат градежна парцела каде би се изградил објектот, а потоа да обезбедат и изведбен и идеен проект кој можат или самите да го нарачаат или пак бесплатно да го преземат од веб-страницата на Министерството за транспорт и врски. Откако ќе се добие одобрение за градба од страна на општината, се аплицира во една од предвидените банки за да се добие кредит, по што се склучува преддоговор за изградба на објектот со изведувач.

– Агенцијата за катастар, со цел обезбедување на поголем број на градежни парцели, од самиот почеток е вклучена во овој проект, и заедно со општините предложивме голем број на локации каде би можело да се предвиди изградба на овие објекти. По извршената анализа на локациите, во 66 општини во државата се определија точните локации каде ќе се градат новите населби од проектот “Купи куќа за млади”, нагласи директорот, Славчо Трпески.

Теренските активности за изготвување на ажурирана геодетска подлога започнуваат од општина Сопиште, која е со вкупна површина од 31 хектар, и оваа фаза се предвидува да се заврши до крајот на месец јули, по што истата ќе користи за изработка на урбанистички план. Откако општините ќе ги усвојат урбанистичките планови, граѓаните ќе можат да ги купат земјиштата по почетна цена од 1 евро за метар квадратен.

Покрај Сопиште, АКН ќе изготви ажурирани геодетски подлоги за 36 локации со вкупна површина од 700 хектари, и тоа за општините во Град Скопје и останатите општини ширум државата.

– На оваа локација предвидено е да има 100 градежни парцели, со површина од 300 до 700 метри квадратни. По урбанизацијата на оваа локација, ќе започнеме со уредување на инфраструктурата, изградба на патишта, водовод и канализација, се со цел реализирање на проектот. Оваа локација која општина Сопиште ја предвиде за изградба на живеалишта за младите, оддалечена е само 9 километри од центарот на градот, со надморска висина од 6 метри, нуди чист воздух и широк поглед на градот, нагласи градоначалникот на Општина Сопиште, Стефче Трпковски.

Општина Сопиште, која е паралелна на населбата Сончев град, поради изолираноста од градската бучава, мирното опкружување и пред се, чистиот воздух, ужива голема атрактивност за изградба на куќи за домување, па затоа се очекува голем интерес од страна на младите за користење на локацијата и поволностите кои ги нуди Владата за изградба на сопствен, иден дом. (Е.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски