До 2010 во пензија со работен стаж
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) вчера ги повика Економско-социјалниот совет и Владата да ја прифатат иницијативата за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување во делот на условите за пензионирање. Синдикатот бара до 2010 година да биде продолжен условот работниот стаж да биде услов за пензионирање, но и да се воведе предвремена и нецелосна пензија.
Лилјана Јанкуловска, од Секцијата на жени при ССМ, вели дека кампањата која ја спровеле во изминатиов месец и половина покажала дека иницијативата е широко прифатена од членството, работодавачите, здруженијата на работници и од стечајците.
Според Јанкуловска, Синдикатот веќе побарал за иницијативата да се расправа на седницата на Економско-социјалниот совет, која ќе се одржи на 7 јуни.Синдикатот се надева дека барањето ќе го поддржи и организацијата на работодавачи, и претседателот на Економско-социјалниот совет, министерот за труд Љупчо Мешков.