Кошаркарската репрезентација загуби со 66:61 од европскиот првак Шпанија на првиот од двата пријателски натпревари во рамки на подготовките на двете селекции за настап на Европското првенство во Словенија. Нашите кошаркари само во средишницата на натпреварот во Кампостела покажаа дека имаат квалитети и противигра за првиот кандидат за титулата и на претстојниот евробаскет. Почетокот и крајот на средбата илустрираа дека во играта на избраниците на Пипан има предолги периоди на возење во лер.

Македонија покажа дека знае да игра откако претходно ривалот направи плус 19 поени. Во ситуација кога нема што да се загуби, со три тројки по ред (Меккелеб, Гечевски, Чековски) во третата четвртина и серијата од 12:2, не само што се доближивме до Шпанците, кои самоуверено на моменти сакаа и егзибиции, туку им ги подзамрзнавме рацете и им ги пресековме нозете.
И во последната четвртина ние продолживме со веќе фатениот ритам и стигнавме до израмнување 54:54. Имавме и напад за водство, не еден туку три. Не ги искористивме. Му дадовме многу време на противникот да се освести од нокдаунот. Исто како и на почетокот на средбата ние застанавме. Домаќинот брзо и премногу лесно направи серија од 10:0 и приказната околу победникот заврши. Остана премалку време за нов пресврт. Само за ублажување на поразот, кој, патем речено, некако беше очекуван.

Шпанскиот селектор Хуан Антонио Оренга не беше сосема задоволен по победата:
– Одигравме едно добро прво полувреме. Во второто не одигравме добро во одбраната. Ова е само трет наш натпревар и има време за корекции. Македонија е тежок противник, бидејќи е тим кој знае да го држи ритамот на играта под контрола.
Најдобар во победничкиот состав беше Марк Гасол со 17 поени и осум скокови, следен од Калдерон со 10 поени. Владо Илиевски беше најефикасен во нашата репрезентација со 14 поени, а Перо Антиќ втор натпревар по ред е без постигнат поен од игра од седум обиди.
Синоќа во Леон двете селекции го одиграа и вториот пријателски натпревар.

ШПАНИЈА – МАКЕДОНИЈА 66:61 (21:13, 17:8, 13:24, 15:16)
Шпанија: Агиулар 3 (4 ск.), Фернандез, Родригез 7 (5 ск, 4 ас.), Реј 2, Калдерон 10, Рубио 3 (5 ск., 4 ас.), Клавер 7, Сан Еметерио 3 (5 ск.), Љуљ 8, Гасол 17 (8 ск, 4 блокади), Мумбру 6.
Македонија: Костоски , Илиевски 14 (4 ас., 4 загубени), Соколов, Мекејлеб 10 (8 ас., 4 украдени), В. Стојановски , Д. Стојановски 10 (4 ск.), Брчков, Гечевски 10 (6 ск.), Антиќ 2 (11 скока), Ѓуровски, Чековски 11, Самарџиски 4.