Одборот на доверители го разгледа и даде позитивно мислење отворајќи го патот за презентација и спроведување на планот за реорганизација на „Фени АД Индустри“, во стечај, поднесен од „ЕуроНикел“, подружницата на ГСОЛ во Македонија, соопштија од компанијата. Од таму велат дека реорганизацијата на компанијата ќе доведе до успешна иднина за овој индустриски капацитет, обезбедувајќи долгорочна и одржлива иднина на вработените, добавувачите и заедниците околу „Фени“.

„’ЕуроНикел’ веќе ја спроведува тековната соработка со ‘Фени’ и ги финансира платите и сите други месечни производни активности на фабриката, што доведе до враќање на производството на ‘Фени’ на меѓународните пазари на метали. Директорите Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис го предводат тимот на ‘ЕуроНикел’ во Македонија, заедно со поддршка од меѓународни експерти“, се вели во соопштението од компанијата.

Во него се додава дека „ЕуроНикел“ и нејзината матична компанија, „ГСОЛ“, веќе инвестираа над 70 милиони евра во обезбедувањето на иднината на „Фени“, со намалување на неизвесноста во процесот и обезбедување финансии за одржување на работата на фабриката и производството, што е клучен фактор за заштита на компанијата, нејзините вработените и добавувачи. Во исто време, „ЕуроНикел“ и „ГСОЛ“, исто така, станаа најголеми доверители на „Фени“.

„Задоволни сме што одборот на доверители изрази позитивно мислење во стечајниот процес, за кој што сме уверени дека ќе го обезбеди долгорочниот оперативен успех на ‘Фени’. Досега инвестиравме повеќе од 70 милиони евра и продолжуваме со нашиот план да го направиме ‘Фени’ водечки производител на фероникел во Европа. ‘Фени’ и вработените го имаат потребниот потенцијал за успех и со поддршката на ‘ЕуроНикел’, ние сме убедени дека ова ќе се случи. Со приклучувањекон силна и искусна група компании од индустријата на фероникел, иднината на ‘Фени’ е поддржана од голема меѓународна групација, која веќе брои повеќе од 1. 500 вработени во овој сектор”, изјавија од ГСОЛ.

„Во изминатите 4 месеци нашите напори беа фокусирани на рестартирање на производството во фабриката и задоволни сме што гледаме дека нашите напори вродија со плод – вработените се целосно мотивирани и оптимисти за иднината, бидејќи по две години гледаат дека ‘Фени’ работи повторно и дека наскоро ќе се врати во целосен производствен капацитет. Паралелно, успеавме повторно да ја воспоставивме соработката со добавувачите на ‘Фени’, имајќи ја нивната целосна поддршка за идните планови на комбинатот”, рече Герасим Кујунџиев, директор на „ЕуроНикел“.

извор: Makfax