x

Досадно фудбалско попладне под “Тумбе Кафе“…

pelister-rabotnicki

Во еден на моменти досаден натпревар, без премногу ризик, во кој се чини и двете екипи беа задоволни да не загубат, Пелистер и Работнички попладнево одиграа 0:0 во Битола. Ова беше натпревар од 3.коло во ПМФЛ. Ако некој треба да жали за другите два бода, тоа секако дека е Пелистер, кој имаше и две идеални шанси за гол, нешто повеќе од играта, но не успеаја да ја материјализираат таквата игра домашните играчи. Па така пелистерци и натаму остануваат без пораз, а Работнички дојде до своето прво реми сезонава. Да кажеме дека во гостинскиот тим своето деби го имаше младиот напаѓач Србинот Лука Чумиќ.

Први се заканија гостите, и тоа преку Јевтоски во таа 17.минута, но неговиот шут од далечина заврши над голот. Две минути подоцна и Петковски можеше подобро да реагира, но неговиот волеј удар беше преслаб за да го изненади голманот на домашните Талески. Пелистер својата прва шанса ја имаше преку Танушев, и тоа во 22.минута, кога од слободен удар одлево, од колу 25 метри шутираше директно кон голот на Јанков. Од истата позиција тој му даде гол на Силекс во Кратово, но сега не успеа. Силјановски во 45.минута од слободен удар од околу 18 метри од добра ситуација шутираше неколку сантиметри над голот. Да споменеме дека домашните во две ституации, во 24. и 39.минута бараа пенал, прво Маневски беше во дуел со Јанков, а во втората домашните сметаа дека Зука играл со рака, но судијата Мечкаровски не покажа на белата точка.

Вториот дел се отвори со идеалната шанса за Пелистер. Фазлиу, екс „романтичарот“ можеше и требаше да даде гол, беше очи во очи со Јанков, но успеа да го промаши целиот гол. Во 63.минута Маневски исто имаше голема шанса, некаде од 12 метри шутираше од свртување, но Јанков мајсторски одбрани. До крајот на мечот и двете екипи како да се задоволија со тие 0:0, па немаше ништо позначајно на овој меч, се разбира ако не ги сметаме бројните замени во двете екипи.

Важно беше да не се загуби, а не загубија ниту Пелистер ниту Работнички.

ПЕЛИСТЕР – РАБОТНИЧКИ 0:0

Стадион под “Тумбе Кафе“ во Битола. Гледачи: /. Судија: Димитар Мечкаровски (Скопје). Стрелци:/.Ж. Картони: Б. Илиевски, Борха (ПЕЛ), Стојков, Петковски, Ѓурѓевиќ (РАБ).

Играч на натпреварот: Ристе Јанков (Работнички).

ПЕЛИСТЕР: Талески, Б. Илиевски, Танушев (90. Поповски), Спиркоски, Маневски, Кордоба, Драгарски, Николовски, Фазлиу (75. Бошковски), Пејаковиќ (79. Стојановски), Д. Илиески.

РАБОТНИЧКИ: Јанков, Зука, Ѓорѓевиќ, Петковски (62, Чумиќ), Ѓурѓевиќ (75. Станковски), Тодоровски (57. Муарем), Силјановски, Стојков (75. Тошевски), Стојкоски (62. Шаркоски), Јевтоски, Трајковиќ.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата