Допрва ќе се утврдува кој ќе добива пари
Владата ја задолжи Агенцијата за вработување да направи дополнителни анализи, што ќе покажат кој и колку стечајци ќе добиваат паричен надоместок до повторно вработување. Ова било договорено на завчерашната средба на претставници на Здружението на стечајци со премиерот Владо Бучковски и директорката на Агенцијата за вработување, Јасминка Делчева- Диздаревиќ. Со анализата ќе бидат опфатени стечајните работници од 25 фирми-загубари, кои беа ликвидирани со ФЕСАЛ аранжманот со Меѓународниот монетарен фонд. Во подготовките на анализите ќе бидат вклучени претставници на стечајните работници. Владата тврди дека од овие фирми загубари излегле 17.000 стечајци, а Здружението на стечајни работници вели дека се околу 4.000 работници. “Се договоривме Агенцијата за вработување, веднаш да почне со прибирање на податоците, кои стечајни работници треба да добијат пари”, изјави по средбата претседателот на Здружението на стечајци, Стојан Стојанов. (С. Бл.)