Џими Батлер, Дианџело Расел, Никола Вучевиќ и ветеранот Двејн Вејд блескаа за своите тимови изминатата ноќ во НБА лигата.

Батлер, погоди тројка од тешка позиција на 2,3 секунди до крајот на мечот во Бруклин, со која и донесе победа на Филалделфија 127:125.

Крилниот играч мечот го заврши со 34 поени, 12 скока, две асистенции и четири украдени топки. Батлер во последната четвртина постигна 18 поени. Бруклин не успеаја да го избегнат поразот и покрај тоа што Дианџело Расел постигна 38 поени.

Торонто го декласира Мајами 125:105, а дуелот го обележа ветеранот Двејн Вејд, кој за поразениот тим го одигра мечот на сезоната. Вејд постигна 35 поени, на кои придодаде пет скока и шест асистенции. Кај Торонто се истакна Каваи Ленард со 29 поени и 10 скока.

Лејкерси не можеа да се справат со Никола Вучевиќ, поради што Орландо ја однесе победата од „Стејплс центарот“ 104:108. Црногорецот и во второто сезонско соочување на овие екипи одигра доминанто, постигна 34 поени, 15 скока и седум асистенции. Леброн Џејмс беше најефикасен кај Лејкерси со 24 поени.

извор: Makfax