“Македонската филхармонија е синоним за вистинските вредности во македонската култура. Во изминатите седум децении, овој наш национален оркестар даде исклучителен придонес во афирмацијата на македонскиот креативен потенцијал како и на современото македонско музичко творештво во меѓународен контекст”, истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, на вчерашната промоција на монографијата по повод 70 години од постоењето на Македонската филхармонија.

Во ова импозантно издание на авторите и музиколози Тина Иванова и Роза Нолчева-Ангеловска, на речиси 300 страници се испишани личните доживувања на сите оние што беа инволвирани во создавањето на овој оркестар, но и на сите оние кои со силна волја и ентузијазам успеаја да го позиционираат меѓу најдобрите оркестри во регионот, но и пошироко.

“Монографијата “70 години Македонска филхармонија” е автентично сведоштво за најстарата музичка институција во Република Македонија, документ во кој е прикажан нејзиниот растеж, изведбата на повеќе од 400 симфониски дела од домашни, но и странски композитори, соработката со најзначајните имиња на денешницата, впечатливите настапи низ целиот свет – референците на Македонската филхармонија со кои се гордееме сите ние.

Во книгата се поместени и многубројни критики објавени во македонските медиуми, кои низ годините наназад внимателно го бележеа развојот на оваа наша институција”, додаде министерката Канческа-Милевска.

Таа ја истакна и континуираната поддршка на Министерството за култура, додавајќи дека наскоро се очекува да биде готова и изградбата на новата сала за филхармонискиот оркестар.
Авторките Иванова и Нолчева-Ангеловска посочија дека монографијата е направена во есеистичко-публицистички манир, а содржи фотографии, факти и рецензии.

Таа исто така ги содржи и најатрактивните моменти од настапите, а истовремено е посветена е и на сите оние што вложиле огромен труд во растот и развојот на оркестарот.

Директорката на Македонската филхармонија Маја Чанаќевиќ, вчера посочи дека промоцијата се изведува точно на 15 декември, датумот кога пред 70 години Македонската филхармонија го одржа својот прв концерт.

“Ова е дел од чествувањето на големиот јубилеј на Македонската филхармонија кое започна со промоција на ЦД-то, а продолжува со свечениот концерт на 18 декември што ќе се одржи во Македонската опера и балет (20 часот). Со оркестарот ќе диригира маестро Дмитри Лис од Русија, а како солист, специјално за оваа пригода ќе гостува славниот руски пијанист Борис Березовски”, посочи директорката Чанаќевиќ. (Д.Т.)