x

Докузовски: Буштур беше мој идол, сите сакавме да бидеме добри кошаркари како него

Оние во чии животи беше присутен Благоја Георгиевски најдобро знаат каков човек беше Буштур. Една од нашите најголеми легенди и спортисти им ги скрши срцата на сите. Неговите пријатели, соработници, фанови…и натаму се во голем шок, животот на нивниот идол заврши денеска.

СПОРТМЕДИА на еден поинаков начин сака да му одаде почит на ова големо име. Го исконтактиравме Марин Докузовски, единствениот тренер кој успеал Македонија да ја искачи во височините на Европа.

Тој, како и сите останати едвај зборуваше, се обиде да ни пренесе мал дел од делата на неговиот голем пријател.

„Во голем шок сум, не можам да верувам дека повеќе не е со нас. Би сакал да изразам сочувство до неговото семејство“, беа првите зборови на Марин Докузовски, кој потоа продолжи:

„Со Буштур ме поврзуваат многу работи, како играч и како тренер, но и како пријател. Тој им помагаше на сите, безрезервно ни делеше совети, беше тука за сите“.

Докузовски вели дека Буштур бил негов идол, сите сакале да бидат еднакви добри како Георгиевски.

„Кога почнав да играм кошарка, тој беше идол на сите, сакавме да бидеме како него. Добро се сеќавам бев во кадетската екипа на Работнички, а тој во првиот тим, ги гледав тренинзите, тогаш тренер беше Лазар Лечиќ.

Буштур за првпат ми даде шанса да бидам во стручниот штаб на македонската репрезентација, тој беше селектор. Бев млад тренер, но веруваше во мене, беше мојот заштитник“.

Како што македонската јавност нема да го заборави она ЕП 2011 година, така ниту Докузовски, креаторот на историското четврто место, нема да ја заборави поддршката и зборовите со кои неговиот пријател го испратил во Литванија.

„Никогаш нема да ја заборавам ниту онаа негова поддршка пред Европското првенство во Литванија, со какви зборови ме испрати, каков мотив ми даде. Како што кажав беше голем човек, вистински пријател и голем поборник за спортот во Македонија“, вели Докузовски.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата