Српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, оцени дека Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) и нејзиниот претставник во Босна и Херцеговина се репрезенти на колонијална власт која не сака БиХ да стане нормална земја и која за Србите претставува непријателска институција, пренесува српски „Курир“.

„Србите треба да запишат во своето колективно памтење дека високите претставници се луѓе кои дојдоа за да им нанесат трајно зло. Тие извршија продолжено злосторство така што се обидоа меѓународните права на Република Српска стекнати со Дејтонскиот договор да ѝ ги одземат на републиката со приказна за некоја БиХ против која, наводно, се Србите. Ние не сме за БиХ каква што сакаат тие,“ нагласи Додик.

Кога станува збор за реагирањата од ОХР и од високиот претставник Валентин Инцко, Додик за АТВ наведе дека тамошниот народ одамна го создал изразот „лево сметало“.

„Тие тука се репрезенти на една колонијална власт која ја држи в раце БиХ и не сака таа да стане нормална држава. БиХ тешко може да биде тоа, но би можела да биде земја во која се сорабатува на реални основи со целосно уважување на интересите на сите конститутивни народи,“ вели Додик.

Тој наведе дека ОХР е политички орган на СДА која со години се труди да го уништи изворниот Дејтонски мировен договор и дека во таа смисла биле кршени и меѓународното право и европските конвенции, како Виенската.

извор: Makfax