Сирискиот претседател Башар ал Асад распиша парламентарни избори за 13 април, соопшти претседателството. Во Сирија на секои четири години се одржуваат парламентарни избори, а последните беа во 2012 година.

САД и Русија претходно објавија договор за прекин на непријателството во Сирија, во кој не се вклучени екстремистичките групи Исламска држава и Фронтот ал-Нусра. Овој договор стапува во сила в петок, 27 февруари.

Асад соопштил дека го прифаќа договорот меѓу САД и Русија за прекин на огнот, објавија сириски државни медиуми, но дека ќе продолжат борбите против терористичките групи како Исламска држава и Фронтот Ал Нусра.

Главната сириска опозициска група соопшти дека ја прифаќа спогодбата за прекин на непријателството во Сирија, која ја објавија САД и Русија, доколку бидат исполнети хуманитарните услови.

Високиот комитет за преговори, со седиште во Русија наведе во соопштение дека е договорено „позитивно да одговорат на меѓународните напори да се дојде до мировна спогодба”. Меѓутоа нивната посветенот на примирјето е условена со „прекин на опсадата, ослободување на затвореници, прекин на бомбардирањето на цивили и испорачување на хуманитарна помош”.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и американскиот државен секретар Џон Кери, веќе се договорија за дополнителните параметри потребни за прекин на огнот во Сирија, соопшти руското МНР, по телефонскиот разговор на двајцата дипломати.

Рускиот претседател Владимир Путин договорот за прекин на непријателствата во Сирија го нарече „вистински чекор кон запирање на крвопролевањето”. Путин истакна дека заедничката работа на Русија и САД може да послужи како пример во борбата против тероризмот.

Можна е „интернационализација” на конфликтот

Независната комисија за истрага за Сирија соопшти дека воените злосторства во земјата се раширени и дека Исламска држава продолжува да врши злосторства против човештвото додека меѓународната заедница не реагира, пренесе Танјуг.

– Јасното кршење на човековите права и меѓународниот хуманитарен закон продолжува со несмалено темпо, влошено со очигледната неказнивост на извршителите, соопшти Комисијата која работи под покровителство на ОН во најновиот извештај.

Одредбите од резолуцијата на СБ во врска со ова „главно не се почитуваат, ниту применуваат”, наведе Комисијата. Злосторствата против човештвото, како што се истакнува, ги вршат и владините сили и Исламска држава.