Белград денеска е во центарот на случувањата во регионот, бидејќи е домаќин на самитот Кина и 16 држави од Централна и Источна Европа, на којшто ќе присуствува и премиерот на Кина, Ли Кечијанг, што е прва ваква посета на Србија по 28 години.

Српските политичари имаат големи очекувања од самитот, а премиерот Александар Вучиќ посебно истакна дека Србија не е држава помеѓу Истокот и Западот туку место на нивната креативна средба.

– Во кинеската страна чувствуваме дека имаме моќен и верен партнер со кој нашата визија можеме брзо и одлучно да ја спроведеме во дело. Нашата стратешка визија е модерна Србија, како економски, сообраќаен и културен крстопат на југоисточна Европа и мост за Истокот и Западот во 21 век, вели Вучиќ.

Цитирајќи ја старата кинеска поговорка случувањата кои доаѓаат фрлаат сенка пред себе, тој го оценува состанокот на шефовите на владите на Кина и државите на Централна и Источна Европа како настан чиешто огромно значење ќе се види во годините кои доаѓаат.

На иста линија со премиерот е и потпретседателката на Владата на Србија, Зорана Михајловиќ, која во интервју за РТС потенцира дека се е подготвено за самитот, а наброја и неколку проекти за кои ќе се разговара: модернизацијата на пругата Белград – Будимпешта, обиколницата околу Белград, индустриската зона Уба.

Таа дополни дека Кина определила 10 милијарди долари за вложување во овој дел на Европа, а Србија ќе биде инфраструктурниот центар.

– Главната цел на самитот е подигнувањето на српската економија. Ова е голем политички и регионален настан. Имаме заеднички проекти со кинеските партнери на кои веќе работиме. На самитот ќе разговараме за модернизацијата на пругата Белград – Будимпешта, за обиколницата околу Белград, за индустриската зона Уба, вели Михајловиќ, која е на чело на Организацискиот одбор на самитот.

Таа напоменува дека на самиот ќе се водат многу билатерални разговор, а сето тоа ќе се случува за да се подигне српската економија.

Според неа, сите во Србија напорно работеле да се организира самитот, а самиот настан ќе ја позиционира Србија во центарот на медиумското внимание.

Како што информираше потпретседателката на Владата, на самитот ќе присуствуваат 6.000 учесници, а меѓу нив нема да бидат само премиерот на Хрватска, Зоран Милановиќ, и претседателот Иво Јосиповиќ. Нив ќе ги претстави потпретседателката на владата Весна Пусиќ.

За самитот се огласија и другите политичари кои исто така сметаат дека овој настан ќе од големо значење за Србија.

Така, шефот на клубот на пратеници на Српската напредна страна (СНС) Зоран Бабиќ изјави вчера дека ова е историски самит за Србија, кој нема исклучиво политичка туку многу повеќе економска и инвестициска димензија.

– Тоа е признание за сите мерки кои Владата на Србија ги постигнува во знак на сериозноста на намерите да ја позиционира државата на глобалната политичка, економска и стопанска карта. Од самитот се очекува договор за градба на објекти, инфраструктурни и други инвестиции во Србија, а слушнав и очекував некакви омаловажувања, но тоа повеќе говори за комплексот на тие кои ги пласираат таквите работи одколку за политичкото влијание, вели Бабиќ.

Според премиерот Вучиќ, самитот е предвесник за подобри времиња.

Белград ќе прими преку 1.800 членови на државно економските делегации на Кина и 16 држави на Централна и Источна Европа.

Третиот самит на Кина и 16 држави од ЦИЕ ќе се одржи на 16 и 17 декември под мотото “Нов мотор, нова сила, нова платформа”, и на него ќе има 1.350 учесници. Посетата на кинескиот претседател на Владата и работата на самитот ќе ја следат 1.100 новинари, пишува Танјуг.

На Самитот ќе присуствуваат 16 премиери, неколку стоини членови на делегации, 500 големи светски компании со 1.200 представници.

На самитот ќе присуствува и македонскиот премиер Никола Груевски.