Словенечки “Турбоинститут” лоцирал 35 места во Македонија, каде би можеле да се изградат мали хидроцентрали. Иако овој проект му беше преставен на премиерот Владо Бучковски на почетокот на годинава, потоа е склучен договор со ЕСМ за заедничка изработка на физибилити студија, а пред неколку месеци и потпишан протокол со министерот за економија, од Владата нема никаков абер дали овој проект ќе почне да се реализира.
“Турбоинститут” е подготвен да инвестира 121,5 милиони евра во овој проект. Меѓутоа, стартот на изградбата ќе зависи од одговорот на Владата за што од компанијата даваат рок до крајот на годинава. Во спротивно, како што вели извршниот директор на “Турбоинститут”, Владимир Керцан, креваат раце од проектот. Но не ја исклучуваат можноста, сепак, со Владата да се договорат за изградба на помал број мали централи. Ако, сепак, надвладее опцијата за изградба на сите 35 централи, како што вели Керцан, доколку договорот се потпише во декември, тогаш реално е да се очекува првите 10 централи да бидат ставени во погон до крајот на 2006 година, следните 10 во 2007, а останатите до крајот на 2008 година.
Проектот, како што вели Керцан, ќе има повеќекратни ефекти за земјата.
-“Пред се, ќе осигури 314 гигават часови електрична енергија, со што битно ќе го подигне квалитетот на мрежата и ќе го стабилизира напонот. Ќе обезбеди работа за градежните компании (само градежните работи ќе тежат осумдесетина милиони евра), ќе ја намали концентрацијата на јаглерод диоксид во атмосферата, а и ќе обезбеди и политичка стабилност, бидејќи по истекот на 30-годишната концесија, централите ќе останат да постојат уште 30 и повеќе години”, вели Керцан. Во Министерствата за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе ги разгледуваат предлозите на “Турбоинститут” за да се види колку се издржани, како и оние за 34 локации од германска и уште 70 од некоја друга компанија. Во Економија велат дека наскоро ќе излезат пред Владата со предлог, но притоа ќе се почитуваат препораките на Светската банка за транспарентност на процесот. За дел локации каде има повеќе заинтересирани ќе се објави тендер, а некои ќе се доделуваат преку непосредба спогодба.


Светлана БЛАЖЕВСКА