Последните преговори на ССМ со Владата повеќе од успешни. Првиот синдикалец во земјава, Ванчо Муратовски на вчерашната прес-конференција не го криеше задоволството што конечно се на иста линија со Владата за повеќе клучни прашања што ги тангираат вработените во правосудството, здравството и градежништвото. Договорен е и денот “Д”, а тоа е 15-ти идниот месец до кога ќе треба да бидат потпишани колективните договори, и кога ќе се знае висината на зголемувањето на платите на вработените во правосудството и во здравството. До овој ден одговор од Владата треба да добијат и градежниците, односно дали ќе им биде овозможено да учествуваат во изградбата на хидросистемот “Злетовица” – моментно најголемиот проект во земјава.
Раководството на УПОЗ и министерката за правда, Мери Младеновска – Ѓорѓиевска договориле до крајот на годинава да се направат пресметки за корекции на платите на вработените од правосудството кои не спаѓаат во категоријата државни службеници, а чии плати не беа зголемени со последната декомпресија, по што ќе се утврди висината на зголемувањето. Во здравството, пак, треба да се утврди стартниот процент за зголемување на платите во овој сектор, каде во следните две години треба да има декомпресија на платите. Запрашан за реакцијата на министерот за финансии околу буџетските импликации поради зголемувањето на платите на буџетските корисници, Муратовски со одговор: “Тоа е нормална реакција кога имаш малку пари, а многу барања. Треба да се внимава околу буџетот, но она што ССМ го бара е во рамките на можностите”, рече тој.
Договорено е со Владата до крајот на годинава да бидат вработени 96 судски полицајци, а во првите три месеци од следната година уште 40. Со овие вработувања, според Муратовски, ќе се реши проблемот со недостаток на овој кадар во судовите. УПОЗ добил ветување дека нема да има проблеми како досега со исплата на надоместоците за прекувремена работа и работа за време на празници, а за барањата за изедначување на платите во казнено-поправните установи со платите во другите установи ќе се разговара на почетокот на следната година.
На преговорите е договорено да се утврди и начин и динамика за исплаќање на побарувањата на градежните компании од буџетските корисници во износ од 54 милиони евра.


Светлана БЛАЖЕВСКА