Кошаркарската селекција на Македонија во подготвителниот период за настап во квалификациите за ЕП 2007 г. во Шпанија, група “Б” (31 август – 16 септември), ќе има 10 контролки кои, според селекторот Јорданчо Давитков, се оптимална бројка да се темпира формата за успешно претставување на европската сцена. Уште најмалку 10 селекции посакуваа во текот на август да играат со Македонија, но од разбирливи причини Давитков беше принуден да го ревидира списокот.
Според програмата за работа (тренинзите почнуваат во средината на јули) Македонија ќе одигра четири контролни натпревари со репрезентации кои ќе настапат во квалификациите за ЕП во Шпанија (Бугарија, Полска, Унгарија и Естонија) и една, учесник на Светското првенство во Јапонија (Панама). Серијата контролки почнува со двете пријателски средби со Бугарија, дома (7 и 8 август), а продолжува, пак во Македонија, со двата натпревара со Панама (12-13 август) и уште една со Бугарија (15 август). Потоа експедицијата заминува за Унгарија (18-20 август), каде се предвидени настапи на турнирот на кој, покрај домаќинот, ќе играат уште репрезентациите на Полска и Естонија. Враќањето во Македонија ќе биде одбележано со уште два натпревара со учесникот во квалификациите за ЕП, дивизија “Б”, Холандија (23 и 24 август), иако првобитно беше посакувана Данска, но поради несовпаѓање на термините го откажа доаѓањето во нашата земја. Тука завршува списокот на контролки бидејќи Давитков, на седум дена пред првиот квалификациски меч во групата, со Португалија (31 август) на гости, не сака да игра натпревари. Тие се оставени за финализирање на формата на кошаркарите и тренинзи од тактичко-техничка природа.
– Можевме во нашата земја да донесеме многу повеќе селекции, но Давитков го имаше последниот збор, се определи за бројката од 10 контролки која, според него е доволна да се проверат можностите на сите играчи кои ќе конкурираат за репрезентативниот состав, на патот до учество на најголемиот европски, кошаркарски, самит во Шпанија, идната година, вели спортскиот директор на КФМ Илија Мерџановски.


Славчо ТРОШАНОВСКИ