Најважниот светски настан на планетата, оваа зима, се случи во Торино, каде завчеравечер со величестен огномет, музика и танц на стадион “Комунале” беше згаснат олимпискиот оган, со што и официјално заврши најголемиот светски, спортски собир на почетокот на оваа година. Свеченоста на затворањето беше исто толку величествен како и церемонијата на отворањето, овој пат одбележана во знакот на карневал, со настап на бројни танцувачи и пејачи, а посебно воодушевување кај публикта предизвика појавувањето на спортистите учесници на ЗОИ.
Игрите службено ги затвори првиот човек на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Жак Рог, кој во говорот ги пофали домаќините на Игрите за одлично завршената работа со зборовите “благодариме Италијо, благодариме Торино”, најавувајќи го следниот собир, по четири години, во Ванкувер.
Во целина Игрите во Торино беа успешни, но не и магични. Тоа е оценката на официјалните лица од ИОК за ЗОИ во Торино, во кои имаше супер дуели и спортски остварувања, но недостасуваше вистинската “галама” од некои претходни Игри. Од безбедносен и натпреварувачки аспект гледано, Игрите минаа беспрекорно. За атмосферата имаше магија на некои спортови, но не и секаде. Тоа го признава и Рог.
– Во основа се беше како што се надевавме, но не како што посакувавме. Се покажа дека Италијанците не се заинтересирани за сите зимски спортови. Во Лилехамер на пример зимскиот спорт беше религија, вели Рог.
На ЗОИ во Торино настапија 2500 спортисти од 84 земји, кои во 16 натпреварувачки дена се бореа за 84 комплетни медали. Најуспешна земја според бројот на одличјата е Германија, чии спортисти освоија 29 медали, од кои 11 златни, 12 сребрени и 6 бронзени. Втора е репрезентацијата на САД со 25 медали (по 9 златни и сребрени и 7 бронзени), а трета е Австрија со 23 медали (9 златни, по 5 сребрени и бронзени). Медали освоија претставници од 26 земји со одличен настап на азиските сили Кореја и Кина (вкупно 8 пати злато, 7 пати сребро и исто толку бронза).
Поединечно најуспешни спортисти се бијатлонецот Михаел Грајс (Германија) и лизгачката Јин Сун Ју (Кореја) кои освоија по три златни медали.