Шестмина здравствени работници од штипската Клиничка болница се излекувани и се на своите работни места, информираше денеска директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев. Здравствените работници кои имаат по два негативни теста и се влезени во бројката на излекувани од Ковид-19 се враќаат на своите работни места. Ѓеорѓијев вели дека во моментов се чекаат тестовите за уште двајца здравствени работници, од кои една лекарка и една медицинска сестра.

Прашан дали здравствените работници кои се заразија на своите работни места беше предупредување и за останатиот персонал да е внимателен и правилно да ја користи опремата Ѓеоѓијев вели дека ситуцаијата се сфати  сериозно во делот на заштитата.

-Ние сме на првата линија, најмногу контакти имаме со пациентите, од страна на здравствените работници се користи заштитната опрема, вели Ѓеорѓијев.

Забележа дека заштитна опрема има за вработените во штипската Клиничка болница, постојано се надополнува она што е за еднократна употреба. Во Штип досега се излекувани вкупно 25 граѓани, активни случаи се седум, но за дел од нив се чекаат тестовите во текот на овие денови. Доколку во Штип за време на празниците нема ниту еден случај позитивен на корона вирус здравствените работници очекуваат во правта половина на мај сите 32 пациенти да бидат дел од бројката на излекувани.

-Јас сум умерен оптимист, еве морам да ги пофалам граѓните на Штип дека сериозно ги сфатија препораките и опасноста од вирусот. По појавата на оние два –три кластери, после имавме период на стагнација и сега имаме период во којшто подолго немаме новозазаразени пациенти. Сметам дека одговоривме на висина на задачата и мислам дека полесно ќе се справиме со оваа корона инфекција, вели Ѓеорѓијев.

Во Инфективното одделение во моментов се хоспитализирани тројца пациенти од Пробиштип и Пехчево, кои се средна клиничка слика. Ѓеорѓијев забележа дека почнале со праќање на брисеви до лабараторијата во МАНУ. Резултатите за пациентите кои болнички се лекуваат или се сомнителни веднаш се добиаваат истиот ден.