Големината на секој од нас е во умеењето да споделуваме и делиме со другите околу нас, нешто што го потврдија младите луѓе кои се движечка сила на невладината младинска организација Transparent Future. Почетокот на овој хуман гест како завршница е настанот Drive-In Cinema од кој целата добивка беше искористена за обезбедување на таблети со кои ќе им го олесниме пристапот до наставните содржини и самиот наставен процес на овие дечиња.

Невладината младинска организација Transparent Future во корелација со ЈУМ ЦСР Велес, денес подели 20 таблети на децата без родителска грижа кои живеат во згрижувачки семејства на територија на град Велес, се со цел обезбедување подобри услови за следење на онлајн настава која произлезе како примарна потреба од новонастанатата состојба предизвикана од вирусот Ковид 19.

Денес предизвикавме емоции на среќа и радост кај 20 дечиња и им покажавме дека не се заборавени. Претставниците на оваа невладина организација се млади луѓе кои даваат одличен пример како се негуваат вистинските вредности.

Ние, како општествено одговорни млади лица од Велес, ветивме дека добивката од првата проекција на Drive In Cinema ќе оди во хуманитарни цели. Мотото ни беше ОД ВЕЛЕС ЗА ВЕЛЕС. Денес можете да видите дека стоиме на нашиот збор. Бидејќи има најави и реална е можноста и од септември поради коронавирусот, наставата да се следи онлајн, доделивме 20 таблети на дечиња од велешки згрижувачки семејства кои не можат да ја следат наставата на овој начин, бидејќи немаат соодветни помагала за таа цел. 

Овие дечиња се нашле во оваа ситуација, не по своја вина и ние сакаме да им помогнеме да излезат од неа. А, единствен вистински начин за тоа е преку нивното образование. 

Истотака, подаривме и кревет на дете од социјално загрозено семејство кое поради немање на услови досега немало таква можност.

Ја користиме оваа прилика да им се заблагодариме на сите другари, пријатели и роднини кои на било каков начин учествуваа во овој проект. Истотака, сакаме да се заблагодариме и на Општина Велес, на јавните претпријатија од градот, на Центарот за Социјална помош, Брза Помош, на МВР Велес, на противпожарната единица.
Посебна благодарност сакаме да истакнеме до нашите спонзори, без кои немаше да се случи овој проект.

ВРЕДЕА ЧАСОВИТЕ, ДЕНОВИТЕ И НОЌИТЕ поминати на сонце, на ветар и дожд, за овој половина час. Половина час исполнет со среќа, радост и надеж. 
Целиот напор околу организација на овој настан го заборавивме за миг, кога ја видовме радоста во нивните очи. За некого уште една играчка, но за овие деца исполнување на нивните желби и соништа.

Се разделивме со ветувања. Тие ни ветија дека овие таблети ќе ги искористат до максимум за образовни цели, а ние им ветивме дека нема да бидат заборавени, барем од нас. Ние ќе си стоиме на борот, како и досега, а по она што го почувствуваме при нашата средба, сигурни сме дека и тие ќе го исполнат своето ветување.

Нема да застанеме овде – и во иднина ќе се трудиме на било каков начин да помогнеме на оние на кои им е потребна помош. 

Со почит, Transparent Future