Северна Кореја ги предупреди своите граѓани да останат во затворен простор од страв дека жолтата прашина што доаѓа од Кина може да го донесе со себе коронавирусот. Улиците на главниот град Пјонгјанг беа практично празни по предупредувањето, објави Би-Би-Си.

Северна Кореја тврди дека во таа земја нема коронавирус, но таа е во состојба на готовност од јануари, со строго затворени граници и ограничено движење.

Нема позната врска помеѓу сезонските облаци од прашина и „ковид-19“, сепак, Северна Кореја не е единствената земја што предложила ваква работа.

Наводно, Туркменистан им порачал на граѓаните да носат маски поради прашината, која носи вирус.

Корејската државна централна телевизија (КЦТВ) емитуваше специјална временска прогноза во средата, предупредувајќи на доаѓањето на жолта прашина следниот ден.

Таа исто така најави забрана за градежни работи на отворено во земјата.

Жолтата прашина се однесува на песок што стигнува до Северна и Јужна Кореја од монголските и кинеските пустини во одредени периоди од годината.

Се меша со токсична прашина што предизвикува здравствени проблеми во двете земји со години.