По неуспешниот германски мјузикл, посветен на непрежалената британска принцеза, на 8 март во Манчестер ќе се одржи премиерата на балеот “Дијана -принцеза”. Балетот не е пародија туку, како што вели авторот, “славење на нејзиниот живот”. За жал, не можам да ја сменам нејзината судбина, но можам да ја почитувам”, објаснил Петер Шауфус. Пред да стане револуционерен уметнички директор на Англискиот национален балет, се прославил како танчер на московскиот Бољшој театар. Во оваа танчерска точка, во еден од чиновите Дијана, како и во реланиот живот, одржува романтична врска со Доди Ал Фаед. Кралицата и принцот Филип упорно и го вртат грбот, со звуците на песната “Лове сонг”, на групата “Тхе Цуре”, Камила и принцот Чарлс го играат љубовниот танц. “Не сакаме да осудуваме никого, тоа не ни беше намерата”, се оградува Шауфус. Но некои ликови се претставени како карикатури, за да можат, според зборовите на авторот, полесно да се препознаат. Така госпоѓата Камила е прикажана во својата униформа за јавање со камшик во раката. Шауфус е подготвен на обвиненијата поради невкусот и кичот на продукцијата, особено поради тоа што балетот е најавен непосредно пред објавувањето на венчавката на принцот Чарлс и госпоѓата Камила Боулс. Но, неговата фасцинација од принцезата почнала веднаш по нивното запознавање, особено по нејзините редовни посети на Англискиот кралски балет. Инаку, главната улога тој и ја довери на партнерката со која е во врска веќе 14 години, Зара Дакан, за која многумина велат дека многу личи на принцезата Дајана. Нивниот 11-годишен син Лук, ќе ја толкува улогата на принцот Вилијам, кој во последната сцена танцува со Хари, а телото на принцезата го изнесуваат од сцената. Ако овој проект се покаже како успешен, се планира негово прикажување на Вест Енд. Но бидејќи луѓето сакаат тажни приказни, накитени со патетика и кич, успехот е речиси загарантиран.