Дистрибутивната мрежа ќе биде единствениот дел од нашиот електроенергетски систем што ќе се продава. Ваква одлука донесе Владата на завчерашната тематска седница, на која, меѓу другото, било верифицирано и одвојувањето на новото претпријатие “Електрани на Македонија” (ЕЛМ), во кое остануваат сите хидро и термоцентрали (освен ТЕЦ Неготино), така што во некогашното ЕСМ практично останува само дистрибуцијата. Покрај неа, на продажба ќе оди и термоцентралата од Неготино.
Се проценува дека во услови кога се приближуваат нови избори, а веројатно и поради големите критики од јавноста за продажба и на производствените капацитети, против што беше и Светска банка, Владата се реши да го продаде само дистрибутивниот дел. Оваа варијанта е и поедноставна, бидејќи ако се одеше на продажба во пакет со производството, немаше да има време да се заврши целата работа навреме.
Се уште не е решено колкав пакет од дистрибуцијата ќе се продава. Тоа, веројатно, ќе биде решено до крајот на неделава кога се очекува да има повторна седница, на која, меѓу другото, ќе треба да се усвојат и тендерските правила, од што ќе зависи и кога ќе се почне процесот на продажбата. Во секој случај, според министерот за економија Фатмир Бесими, новиот сопственик на дистрибутивната мрежа треба да се избере на почетокот на идната година. Засега, само се знае дека ќе биде продаден доминантен пакет-акции (над 51 отсто), а според некои препораки Владата не би требала да продаде повеќе од 65 отсто од Дистрибуцијата, во која остануваат 3.600 вработени.
Двете претпријатија се очекува како самостојни правни субјекти да профункционираат веќе на почетокот на овој месец, бидејќи по одлуката на Владата, како нивен акционер, се чека само да се изврши судска регистрација.


До октомври ќе се знае дали струјата ќе скокне?
Секое од трите нови претпријатија, најдоцна до 1 октомври, ќе треба јавно да упати барање за корекција на цените до Регулаторната комисија за енерегетика, ако смета дека тоа е потребно, а оваа во рок од три месеци и да одговори дали и колкаво зголемување ќе одобри. Моментално, како што се потврдува, посебни екипи работеле на утврдување на трошоците, врз база на што треба да се формираат цените на електричната енергија во иднина.


Зденка ПАВКОВИЌ