“Еве го мојот предлог за во Управниот одбор. Тој е одличен економист.” Ова бил одговорот од министерот Владо Димов на поставеното прашање зошто само Министерството за здравство се уште не го кажува својот предлог за новиот редефиниран состав на УО на Фондот за здравствено осигурување. Притоа, според неколку компетентни извори, тој покажал кон својот советник за здравствено осигурување Борче Наумовски, некогашен директор на националната здравствена каса. Прашањето било поставено од претставниците на Светска банка на работната средба за реформите што се одржла пред неколку дена, кои му ставиле до знаење дека условот за тоа место не е да си економист. Ним не им било јасно зошто само уште Министерството (УО има седум членови) тактизира со кадровското решение за тоа кој ќе шефува со телото коешто одлучува како ќе се трошат парите на осигурениците.
На официјалните прашања за неговиот предлог, Димов упорно одговара дека се уште го нема направено изборот. Според него, чиста шпекулација е тоа што во јавноста за оваа позиција се вртат имињата на Наумовски, како негов фаворит и на државниот секретар за здравство д-р Ратка Куљан-Зографска, како втор предлог за оваа функција (кој не е по негов ќеиф). Во новиот УО наместо 13 има седум членови, а доминантна улога треба да добијат осигуренците. Меѓутоа, Димов е решен да го смести екс-директорот на Фондот за здравство Борче Наумовски да шефува со парите на осигуренците. Според објаснувањата од Министерството, Наумовски кај нив е вработен пред само неколку месеци. Дотогаш тој формално беше на платниот список на Фондот, но практично му беше личен советник на министерот. Упорноста на Димов како и некои други приказни за целата кадровска игра, се чини, ги активира “злобниците” кои наводно се потрудиле да ги потсетат кадровските структури на власта на “опашките” што стојат зад Наумовски. Поточно, од фиока ја извадиле причината за неговата смена од директорската функција во Фондот во 1997 година (од страна на тогашниот премиер Бранко Црвенковски) непосредно по аферата со лековите и препакувањата на некои препарати со поминат рок поради која падна и тогашниот министер за здравство д-р Илија Филипче. Со законските решенија, претставникот на министерствата за здравство и за финансиии има права на вето во УО. Кадровските решенија можат да се регрутираат од редовите на правниците, докторите и економистите кои имаа познавања од областа на здравството. Поради ваквата рововска битка, некои структури предлагаат трет кандидат.


Ристе НЕДАНОВСКИ