Директорот на либанската Царинска служба, Бадри Дахер, вчера беше и официјално уапсен откако беше сослушан за катастрофалната експлозија во Бејрут претходно овој месец, јави државната Национална новинска агенција.

Истрагата е фокусирана на тоа зошто речиси 3.000 тони експлозивен амониум нитрат бил складиран во градското пристаниште. Палењето на залихите предизвикало експлозија што го потресе главниот град, при што загинааа најмалку 180 луѓе, а повредени се повеќе од 6.000.

Триесет лица се уште се водат како исчезнати по експлозијата на 4 август, што предизвика штета проценета на 10 до 15 милијарди долари.

Документите што излегоа на површина по експлозијата покажаа дека властите знаат оти во магацин на пристаништето со години се чуваат 2.750 тони нитрат на амониум и знаеле за опасностите.

Судијата Фади Саван го сослушувал Дахер, кој беше приведен неколку дена по експлозијата, речиси четири и пол часа во присуство на неговите двајца адвокати пред да донесе налог за апсење. Дахер ќе остане во притвор додека трае истрагата.

По сослушувањето на Дахер, Саван се упатил местото на експлозијата за да ја испита штетата и подоцна ќе се врати за да го сослуша Хасан Корајтем, кој беше највисок службеник на пристаништето до денот на експлозијата.

Либанскиот претседател Мишел Аун рече дека истрагата за разорната експлозија е многу сложена и дека нема да заврши брзо. Аун рече дека постапката е поделена на три дела. Првата има за цел да ги утврди околностите околу товарот, втората од каде потекнува и кој го испратила, а третата да се најде кој е одговорен за ракувањето и обезбедувањето на истиот.

Аун рече дека ФБИ и француските иследници помагаат затоа што тие, повеќе од Либанците, имаат можност да ги дознаат деталите за тоа што го довело бродот таму, кое е одредиштето и кој го поседува.

Деветчлена екипа истражители од ФБИ во неделата слета во Бејрут и се верува дека се приклучиле на истрагата. Француските иследници со денови се активни во пристаништето.

Народниот гнев е зголемен поради корупцијата и лошото работење на владејачката елита. Владата на Либан, која е поддржана од терористичката група Хезболах и нејзините сојузници, поднесе оставка на 10 август и продолжува да служи во својство на привремена власт. Во тек нема официјални консултации за тоа кој ќе го замени Хасан Диаб за премиер и не се појави ниту еден кандидат.

извор: Makfax