Веќе трет ден Тутунскиот комбинат од Куманово е под опсада на луѓето на Бајруш Сеидиу – Сефери, бизнисмен од Романовце, Липковско и сопственик на компанијата “Милано”. Според изјавата на Александар Димитријевиќ, генерален директор на кумановската фабрика за цигари и застапник на грчкиот газда Морфопулос кој преку Берза го купи контролниот пакет-акции на фабриката, 30-тина луѓе на Сеидиу со блиндирани мерцедеси и џипови наоружани влегле во фабриката и се обиделе да ја преземат контролата на работењето врз фабриката. Нивна цел е, како што сум известен, вели Димитриевиќ, на 7 септември да го сменат Управниот одбор во Комбинатот, а најверојатно и зградата на ТК “Куманово”. Нивниот аргумент за тоа е дека веќе имале овластување за застапување на акционерско собрание од страна на сопствениците-вработени кои поседуваат околу 20 отсто од Комбинатот. Ние го уваживме тој аргумент и им кажавме дека со тие овластувања може само да гласаат на собранието, но не и да ја попречуваат секојдневната работа. Сепак, доминантен сопственик на ТКК е Морфопулос кој има 50,35 отсто од сопственоста. Конечно, ниту овластувањето не значи целосно поседување на акциите, а тие не можат да влијаат врз битни одлуки на Собранието, посебно не на одземање имоти, згради и сл, вели Димитриевиќ. Дел од имотот на кумановската фабрика е во сопственост на државата (откупни станици во Липково, погони за ферментација кои Сеидиу ги барал да ги купи, но не ги добил) а машините, опремата зградата во севкупна вредност од 280 милиони денари на следното акционерско собрание треба да бидат дадени во залог кај УЈП како гаранција дека новиот сопственик целосно ќе се раздолжи кон државата со над 588 милиони денари. Токму ова раздолжување, велат дел од вработените, има намера да го спречи Сеидиу, кој сака да ја преземе фабриката во владение или во најмала рака да изврши притисок врз власта и сопствениците да ја трампа фабриката за земјиштето во Липковско.
Инаку, генералниот директор Димитриевиќ (претставникот на Морфопулос) побарал зашита како странски инвеститор и од полицијата и од судовите, но таа не му била благовремено дадена, туку му рекле дека ќе бидат на “отворена линија” и ќе реагираат само ако се наруши производствениот процес. Ваквиот чуден однос на институциите на системот, велат кумановчани е многу индикативен. Инаку, Бајруш Сеидиу тврдат во фабриката има целосна логистичка поддршка од директорот на производството Нове Николовски кој ги убедувал работниците да ги отстапат акциите на Сеидиу, кој патем е близок роднина со косовскиот политичар Хашим Тачи.


Игор БАЈДЕВСКИ Виолета ЦВЕТКОВСКА