Извршниот комитет на УЕФА во Талин (Естонија) го промени форматот на квалификацискиот циклус за Европското првенство во 2008 година, што ќе се одржи во Австрија и Швајцарија. На митингот во Талин решено е квалификациите да почнат есента по завршувањето на СП во Германија 2006 година, а репрезентациите да бидат распоредени во седум групи, една со осум и шест со седум екипи. Двете првопласирани селекции директно ќе обезбедат пласман на ЕП и заедно со кодомаќините на првенството ќе ги формираат најдобрите 16 во Европа. За претходното ЕП во Португалија само победниците од 10. групи обезбедуваа директен пласман, а второпласираните преку плеј оф ги пополнуваа преостанатите пет места. На истиот состанок избрани се и градовите домаќини на финалните средби во Лигата на шампионите и Купот на УЕФА. Завршницата од најелитното натпреварување во 2006 ќе се одигра на “Стад д’Франс” во Париз, а во 2007 година на “Олимпискиот стадион” во Атина, додека финалните средби во најмасовното европско клупско натпреварување- Купот на УЕФА ќе се одржат на “Филипс” – Ајнтховен (2006 год.) и “Хемпден парк” – Глазгов (2007 год.). Изборот на Париз за домаќини на финалето на ЛШ во 2006 година е по повод 50-годишнината од првото финале во Купот на шампионите меѓу Реал Мадрид – Ремс (4:3), што се одигра во “градот на светлината”. Европското првенство во футсал ќе се одржи во ноември 2007 година во Португалија.