Повод за денешното соопштение се информациите објавени од повеќе портали во врска со неодамнешниот инцидент во македонското ДКП во Загреб и употребата на физичка сила од страна на вршителот на должност во Амбасадата врз подредениот колега. Македонскиот дипломатски синдикат кој води грижа за правата и положбата на сите вработени во македонската дипломатија без разлика на нивната синдикална припадност, апелира до раководството на МНР за брзо, целосно и објективно расчистување на гореспоменатиот случај. Брзата реакција на раководството на МНР е неопходна со оглед на фактот дека станува збор за потенцијално големо нарушување на угледот на македонската дипломатска служба, а со тоа и на македонската држава во земјата-традиционален партнер и сојузник на Македонија, која воедно е и актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Притоа, Македонскиот дипломатски синдикат цврсто бара спречување на евентуални обиди за релативизирање на оваа ситуација преку „разводнување“ на одговорностa. Во таа прилика, а имајќи ги предвид искуствата од неодамнешното минато (како во МНР, така и во ДКП-та), жестоко се противиме на можните притисоци врз инволвираните во случајот кои преку злоупотреба на принципите на службената хиерархија и подреденост би воделе кон отстранување на јасните граници на линија жртва-насилник. Лицата кои се одговорни за можното сериозно нарушување на угледот на македонската дипломатија, мораат да бидат санкционирани без разлика на должината на нивниот стаж во МНР, дипломатското звање кое го поседуваат или блискоста со раководството/Кабинетот на МНР!

За жал, Македонскиот дипломатски синдикат мора да констатира дека инцидентот во ДКП Загреб не претставува изолиран случај. Во последните години сведоци сме на чести појави на мобинг и (пред се психичко) насилство и во други македонски претставништва и изживување врз вработените од страна на некои шефови на ДКП-а, користејќи ја поддршката која ја уживаат од страна на раководството. Некои од тие ситуации резултираа и со предвременото прекинување на мандатите на жртвите на мобингот, додека сторителите не само што не сносат никаква одговорност, туку очигледно и натаму имаат „одврзани раце“ за целосна реализација на нивните „Наполеоновски комплекси“.

Затоа, МДС апелира за поголема внимателност при поставување на постојани и/или привремени шефови на македонските ДКП-а и порадикални чекори во правец на искоренување на горенаведените, девијантни појави. Раководството на МНР мора да се воздигне и да се откаже од водење на погубната „наши-нивни“ кадровска политика, а со тоа да каже одлучно „НЕ!“ на сите облици на насилство и недолични притисоци присутни како во Министерството, така и во македонските ДКП-а. Само на тој начин може да се заштити угледот на македонските дипломати, но и да се спречат непосакувани инциденти и сериозни човечки драми.

Истовремено, Македонскиот дипломатски синдикат ја користи приликата да го честита денешниот Ден на Европа и Денот на победата над фашизмот!