Комплетирање на започнатата приватизација на аптеките и на стоматолошката дејност, одмрзнување на зацртаното концесионерство во примарното здравство, редефинирање на пакетот на услуги во согласност со финансиските можности на Фондот за здравствено осигурување, воведување на рецепти со лекарски бар кодови и максимална контрола на нивното препишувања, измени во регулативата за јавните набавки во здравството… Ова се дел од активностите што вчера ги најави министерот Владо Димов по завчерашната тематска седница на Владата за македонското здравство на која биле презентирани актуелните состојби во овој сектор, реформите кои се во тек, постојните слабости и недостатоци во системот, како и целите и можните начини за нивно надминување. “Конкретните активности во форма на кусорочни и долгорочни мерки со конкретни рокови за реализација ќе бидат усвоени како заклучоци на Владата на наредната или пак на следната седница, објасни Димов. Министерството за здравство и Фондот се ќе сторат да не се продуцираат нови долгови, но за да се етаблира ефикасен и одржлив систем, според Димов “мора да се најде солуција за натрупаните обврски кон добавувачите, кои заклучно со ланскиот декември изнесувале 4.460.917, 452 денари”. Како можни извори за нивно расчистување тој вчера ги посочи парите од продажбата на аптеките, бањите и другите објекти, а за стабилизирање на финансиските дубиози за здравството побара и дел од акцизите на цигарите, алкохолот, процент од осигурувањето на возилата. Меѓутоа, според сознанијата до кои дојдовме, ваквата иницијатива на Димов на завчерашната владина седница била пречекана со тврд гард од министерот за финансии Никола Поповски. Пред се во однос на парите од продажбата на аптеките и бањите, додека на барањето за дел од акцизите била манифестирана “скромна” подготвеност да се разгледаат евентуалните можни извори. Димов бара државата да партиципира и во одржувањето на здравствените објекти и набавката на опрема. Во терапијата за затворање на новите дубиози, Димов игра и на изготвените “протоколи базирани на докази” со кои ќе се врамат дијагностичките и терапевтските процедури и непотребните трошоци, а една од мерките е и цврстото дефинирање на болничките буџети и воведувањето на листите на чекање за интервенции со кои (како и во другите држави) ќе се стави рампа на енормното пробивање на визираните средства. Генезата на исклучително тешките состојби, Димов ја лоцира и во предимензионираноста на болничките капацитети, кои се искористени едвај 60 тина проценти и тоа со енормно долго просечно болничко лекување од 11,8 денови. Како генератори на слабостите се посочуваат и авансното плаќање на услугите (пред се во јавниот сектор), лошото финансиско управување, неконтролираното трошење, нецелосното финансирање на државните програми и другите државни обврски… НАСЛОВ: И најтешко болните плаќаат ДДВ, а државата ги заборава обврските Државата наплатува ДДВ на лековите, но не ги исполнува своите обврски кон здравството. Ваквата нелогичност во однесувањето на македонската држава, која по уставот го има предзнакот на социјална, произлегува од информацијата што завчера и беше презентирана на Владата. Во Македонија ДДВ на лековите е позиционирано на 18 проценти, а во истовреме државниот Буџет со години ги ескивира своите обврски и кон најтешките болни по основ на програмите. Поинаку кажано, државната каса се полни и од нивната мака, а она што им следува и треба да се алиментира од Буџетот (ослободување од партиципации) се покрива со средствата од придонесот кои се слеваат во касата на Фондот за здравствено осигурување која не може да ги покрие ни своите обврски од гарантираниот пакет услуги. За разлика од македонската практика, некои држави од регионот кои се на нашето економско дереџе, имаат воведено специјален ДДВ третман за лековите од позитивната листа, односно или тој е минимален или пак е целосно укинат.