Кој ќе раководи со Управниот одбор на Фондот и ќе одлучува како ќе се трошат парите во здравството, се уште не се знае. Неговото кадровско екипирање е заглавено на претставникот на Министерството за здравство. Неофицијално, копјата и натаму се кршат меѓу екс-директорот на Фондот Борче Наумовски, сега советник на Димов, и државниот секретар Ратка Куљан.
“До овој момент претставникот на Министерството за здравство не е определен. Сите имиња што се вртат се шпекулација”, ни изјави вчера Димов. Според неофицијални информации, Димов лобирал за Наумовски, но упатените велат дека посериозен кандидат е Куљан. Поради тоа што е неспоиво, Наумовски како раководител на секторот за надзор на Фондот во исто време да ги носи одлуките што треба да ги контролира, а наводно се “пуштени” и некакви “опашки” од неговото директорување. Не е исклучено Димов да истрча со трет кандидат. Новиот Управен одбор наместо 13, ќе има 7 членови – претставници на министерствата за финансии и за здравство, еден од Лекарската и Стоматолошката комора, Синдикатот, Здружение на потрошувачи, Здружение на пензионерите и Стопанска комора. Владините преставници можат да стават вето на која било одлука и со тоа ја има контролата за парите на осигурениците во свои раце. (Р.Н.)