Опозицијата има сериозни, суштински и значајни забелешки за Законот и концептот за новиот попис. Не се мали, напротив, но се клучни за пописот да може да биде на ниво на стандардите на ЕУ и Еуростат. Само таков попис може да биде попис кој ќе биде од корист на сите, напиша на Твитер пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, откако денеска не започна расправата во Комисијата за европски прашања каде требаше да расправа по Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2020 година, во прво читање.

 

Курир.мк утринава јави дека расправата и гласањето за овој закон ќе бидат стопирани. Неделава ќе бидат одржани средби меѓу работни групи на партиите на кои освен за овој закон, ќе се расправа и за законот за јавно обвинителство.

Одложена расправата за пописот

Денеска во Собранието воопшто не започна расправата за предлог законот за попис.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев бараше точката да се тргне од дневен ред, а претседателот на комисијата Артан Груби од ДУИ ја прекина седницата.

Во барањето за тргање на точката од дневен ред Ѓорчев рече дека законот што се предлага не е во согласност со критериумите на Евростат и ОН.

-Попис организиран според овој предлог закон нема да ги реши проблемите ќе ги зголеми нема да добиеме релевантни и веродостојни податоци, рече Ѓорчев.