Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска оствари средба со својата австриска колешка, Карин Кнајсл, по што следеше и прес-конференција на која шефот на дипломатијата ја образложи одлуката на македонското МНР да протера руски дипломат. Притоа тој подвлече дека одлуката се заснова на два елемента – едниот е меѓународната солидарност, но како што рече, за потегот имало и домашна основа.

Како што нагласи Димитров, меѓународниот елемент е солидарноста во однос на случајот „Скрипал“, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија. Меѓутоа, според него имало и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи бидејќи, како што кажа, се работи за лице што со своите дејствувања излегло надвор од својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи.

„Ова беше реакција што е во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата. Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни“, додаде министерот и рече дека се работи за обид за добивање класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.

Тој воедно повика да не се шпекулира со идентитетот на дипломатот.

„Ќе има многу интерес околу идентитетот на дипломатот. Ние сме должни сме да го заштитиме и од почит на неговата држава Руската Федерација и заради личната безбедност на лицето, тоа ќе биде многу штетно ако се шпекулира. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди“, рече Димитров.

извор: Makfax