За една година успеавме да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа. Ваков е коментарот на министерот за надворешни работи, Никола Димитров за оставката што вчера ја поднесе неговиот грчки колега, Никос Коѕијас.
Во коментарот Димитров наведува дека предводени од премиерите, двајцата успеале по интензивни месеци на комуникација, да станат вистински пријатели.
„Во период од една година да направиме нешто кое во претходните 27 години се сметаше за невозможно – ги приближивме нашите две земји и го склучивме историскиот договор од Преспа, градејќи мост на пријателство и докажувајќи дека и нашиот регион може да решава спорови и да создава иднина. Никос, од срце ти посакувам добро здравје и успех во сите идни предизвици. Од наша страна, ние ќе продолжиме со силна посветеност кон заокружување на ова историско решение, заедно со останатите прогресивни и демократски сили во Скопје и Атина“, наведе Димитров во коментарот за оставката.
Коѕијас вчера ја напушти министерската функција, ден по тензичната седница во владата во Грција, каде тој влезе во конфронтација со министерот за одбрана, Панос Каменос, по повод договорот за името. Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, ја презеде функцијата министер за надворешни работи за да обезбеди успешно завршување на договорот.

извор: Makfax