Министерот за надворешни работи, Никола Димитров присуствуваше на отворањето на „Европските денови“, во организација на Институтот за меѓународни и политички студии, Скопје.

Настанот што оваа година го прославува своето петто издание, со различни активности го одбележува 9ти мај – Денот на Европа, со кој Европската Унија го слави мирот и единството на нашиот континент.

Министерот беше одликуван со Признание за особен придонес и посветеност на евро-атлантските перспективи на државата, за што му беше доделена и плакета „Мајка Тереза“. Врачувајќи му го Признанието, организаторот истакна дека тоа е израз на благодарност на македонските граѓани кон Министерот за неговата голема заслуга и за истрајните посветени напори кон остварување на стратешките приоритети и достигнувања на земјата – членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ.

Во присуство на студенти, претставници на дипломатскиот кор и академскиот свет, министерот Димитров истакна дека Признанието многу му значи, а особено задоволство му причинува што признанието доаѓа токму од цивилниот сектор, како репрезент на граѓаните – обединети околу идејата за Република Северна Македонија како релевантен чинител и партнер во евро-атлантските структури.

„Последниве две години имаме со што да се гордееме, вложивме многу и постигнавме многу! Посебно се гордеам што градиме, создаваме солидарност – да се грижиме едни за други, како што се грижиме за самите себе“, рече Димитров.

Со пригодни обраќања, на настанот чиј домаќин беше општина Чаир, учествуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, градоначалникот на општина Чаир Висар Ганиу и Илбер Села, директор на Институтот.

На настанот беа доделени и награди во повеќе категории за најдобар студентски есеј посветен на Европската Унија.

извор: Makfax