Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Љубинко Друловиќ потврди дека повеќе не смета на услугите на Владимир Димитровски кој без одобрување на селекторот и без да го информира техничкиот менаџер на А репрезентацијата Саша Ќириќ, самоиницијативно во три часот по полноќ ја напушти базата на националниот тим заминувајќи во друга држава.

Не сметам на Димитровски, разочаран сум од неговото однесување. Јас сум најодговорниот во селекцијата и очекувам поинаков однос. Хиерархијата мора да се почитува, уште повеќе што сите репрезентативци имаат потпишано кодекс што смеат, а што не е дозволено кога се во А националниот тим. Димитровски ја наруши дисциплината во тимот, а за мене тоа е една од најважните работи. За вакви или слични постапки фудбалерите во останатите репрезентации добиваат драстични казни кои се рефлектираат и на клупските настапи. Не знам каква ќе биде одлуката со Димитровски, но мора на сите да им стане јасно дека ова не е начин да се добие нешто. Да побараше дозвола за било што, можевме да разговараме и да донесеме одлука, изјави селекторот Љубинко Друловиќ за официјалниот сајт на ФФМ.

Незадоволство од таквиот потег на Димитровски демострираше и техничкиот менаџер на А репрезентацијата Саша Ќириќ.

Крајно непрофесионално и неодговорно од фудбалер на А репрезентацијата. Како луѓе кои се грижиме се да биде во најдобар ред, репрезентативците да ги имаат најдобрите услови за подготовка , ова се постапки кои создаваат штета и не смееме да ги премолчиме. Ниту еден играч не е над репрезнтацијата и секогаш кога нема да се почитува кодексот на однесување ние ќе реагираме. Со секој фудбалер сакаме да градиме пријателски и фер однос, но мора да има и взаемно почитување. Само на тој начин ќе создадеме компактен тим, добра атмосфера и единство, а тоа е битен предуслов за добри резилтати. Фудбалот е тимска игра, секогаш победува колективот, а не поеднинецот!, изјави техничкиот менаџер на А репрезентацијата, Саша Ќириќ.

Во А репрезентацијата на Македонија за натпреварите со Луксембург и Шпанија дополнително, стручниот штаб на селекцијата одлучи да прати повик до Владица Брдаровски од Вардар и Баже Илијоски од Работнички. Двајцата ќе се стават на располагање на тимот на вечерниот тренинг во 18.30 часот во центарот „Петар Милошевски”.