Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, бара Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во најкраток можен рок да го достави извештајот од увидот до општинскиот кризен штаб за околу состанокот во овој град на кој присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Арбер Адеми.

Увидот на инспекторите за евентуални пропусти и одговорност следуваше откако претставниците на владата завршија во изолација бидејќи не знаеле дека Димитриевски и други членови на штабот во Куманово биле тестирани, а потоа се воспостави дека биле позитивни на ковид-19.

Димитриевски реагира дека од вестите на ТВ Телма дознал дека извештајот е готов и е доставен до Министерството за здравство и МВР и затоа бара директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, во најкус можен рок да го достави до Општината и до сите засегнати страни.

„Останувам на ставот дека состанокот е организиран по барање на Владата и поради тоа е одржат во поголем простор и на друга локација од вообичаените редовни состаноци. Барањата на кои се повикува владата се барања и апели на штабот кои се однесуваат на мерките за борба против епидемијата која е наш приоритет во моментов, а не барања за посета на штабот и за ова постојат докази“, тврди Димитриевски.

Тој на социјалните мрежи пишува дека го зачудува некоординираноста и меѓусебната неинформираност во Министерството за здравство и органите под негова надлежност и потенцира дека членовите на кумановскиот штаб се тестирани три дена пред состанокот на барање на епидемиолог од Министерството кој е и придружен член на штабот.

„Доколу таа информација била достапна на членовите на Владата, од која дел е и министерот за здравство Венко Филипче, или пак ако тогаш постоеше протокол кој регулира тестирање и задолжителна самоизолација по тестирањето, состанокот веројатно немаше да се одржи. Зошто членовите на штабот не добија такви насоки, а воедно и сите други тестирани лица во градската болница кои претходно беа тестирани, а воедно и сите граѓани? Исто така, потенцирам дека до тој момент никој од членовите на штабот не знаеше дека е позитивен, иако тестовите делта биле веќе завршени и резултатите познати, што се гледа од самите резултати“, вели Димитриевски.

Тој во неговата објава понатаму посочува дека дополнителното тестирање го направил по сите протоколи заедно со уште еден член на штабот. И во двете приватни здравствени уставови тие биле негативни.

По таквите резултати, тој тврди дека веднаш разговарал со Филипче и барал објаснување, но и до овој момент не добил.

„Сакам да верувам дека е направена ненамерна грешка и во овој момент нема да коментирам, ќе оставам јавноста да суди, а надлежните да се произнесат“, вели тој.

Дека извештајот од увидот за случајот со Куманово е готов беше соопштено уште вчера беше потврдено на прес-конференцијата на која зборуваше директорката на ДСЗИ, како и од страна на министерот за здравство.

Филипче посочи дека го видел деталниот извештај, имало пропусти, но не сакаше да коментира додека прво не се консултира со МВР со цел да не го загрози случајот.

Тој вчера зборуваше и за резултатите од тестовите на Димитриевски.

„Има само претпоставки после колку време од тестирањето може пациент да се негативизира, имајќи предвид дека не се знае претходно колку тој бил носител на вирусот. Во конкретниот случај, знаеме дека разликата помеѓу двата теста биле негде 17-18 дена, со третиот тест уште дополнителни 10 дена, што е сосема доволен период еден пациент да се негативизира. Но, мерките се даваат за да се почитуваат и тоа е суштината заради тоа што зад секоја мерка има медицинска издржаност зашто тоа треба да биде така, односно инкубацискиот период да трае 14 дена“, рече Филипче.

Извор:360stepeni.mk