Државната изборна комисија (ДИК) денеска во 14:30 часот ќе одржи седница во врска со активностите кои претстојат за организирање на изборниот процес. ДИК претходно одржа работен состанок на кој беше разгледана владината Уредба за продолжување на изборните дејствија за парламентарните избори.

Со уредбата, која денеска е објавена во Службен весник и стапи во сила, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Претседателот на ДИК Оливер Деркоски за МИА информираше дека врз основа на оваа Уредба, ДИК ќе испрат дописи до МВР и до управите за санкции и за водење на матични книги за прибирање на потребните податоци за граѓаните.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК е должна да ги преземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.

Владата на 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, со која го задолжи МВР во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до ДИК податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба. МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредна состојба. Уредбата определува дека ДИК податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.

Согласно уредбата, основните судови и Управата за водење на матичните книги, во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, се должни да ги достават до ДИК податоците за граѓаните, заклучно со денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, појаснуваат од Влада.

Со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, ДИК и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.

Министерството за здравство, е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од ДИК, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место. Според информациите од ДИК, во врска со обезбедување на заштитната опрема за изборите, членовите на Комисијата со владини претставници ќе имаат во понеделник.

Партиите не се усогласени за датумот за избори. Владејачките партии инсистираат тоа да биде на 5 јули или на 8 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштува датуми. Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање ги повика лидерите уште денеска да седнат и да се договорат за изборите за земјата да не потпадне повторно во криза.