Државната изборна комисија (ДИК) за претстојните Предвремени парламентарни избори 2020 ја води кампањата „Ти си на ред“. Со герила акција, за првпат досега, екипата на ДИК ги посети Охрид и Струга. На плоштадите од двата града беа поставени две големи поставки од големо стаклено ѕвоно и гел за дезинфекција со цел да им се приближат пораките за безбедно гласање до гласачите.

Како што се наведува во соопштението, со пораките „Заштити се себеси и другите“ и „Гласај безбедно“, ДИК упати апел за сигурни и безбедни избори. На плоштадите од двата града на безбеден начин се поделија едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за безбедно гласање и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место за да се заштити од корона вирусот.

Safety, или безбедносната брошура која што ја поделија од ДИК на граѓаните на Охрид и Струга содржеше гел за дезинфекција и маска за заштита од корона вирусот. Освен што ги информираше преку пораките и поставки, ДИК на овој начин имаше и акција за заштита на граѓаните.

Оваа герила акција, како што се наведува, се случува за првпат во нашата држава подготвена од Државната изборна комисија.

Со ова, ДИК сака да покаже грижа за здравјето на граѓаните и континуиран напор во поставувањето на пример за државна институција која треба да се одликува со независност, непристрасност, одговорност и професионалност во работењето.

-Со овој пример на информирање на граѓаните и нивна заштита во време кога целиот свет е соочен во борба со невидливиот непријател КОВИД-19, Државната изборна комисија постави нови стандарди во функционирањето на државните институции, се наведува во соопштението