Дивидендата од Телеком, сепак, “ќе легне” во Буџетот?
Првиот човек на “Матав”, Елек Штрауб, вчера попладне пристигна во земјава, а за денес, како што се дознава, бил договорен работен состанок во Телеком со топ менаџментот на компанијата. Официјално, средби со премиерот Бучковски ниту со претставниците на бордот на “Македонски телекомуникации” не се закажани, но никој не исклучува дека такво нешто може и да се случи. Наводно, тоа бил редовен состанок со менаџментот што се одржува еднаш годишно и каде првите луѓе на компанијата ќе добијат критики или насоки за работа. Посетата на Штрауб доаѓа во време кога се уште не е решен проблемот со дивидендата која државата требаше да ја добие во висина од 42,2 милиони евра, а која беше договорена при јануарската средба на првиот човек на “Матав” со премиерот Бучковски. Меѓутоа, владини извори се убедени дека парите ќе бидат исплатени во договорениот износ, но не сакаат ништо повеќе да кажуваат бидејќи веќе еднаш се имаат “изгорено”. Зашто, иако по јануарските разговори беше соопштено дека државата годинава ќе добие речиси два и полпати поголема дивиденда од досега, сепак, бордот на Телеком на последната седница воопшто не ја стави оваа точка на дневен ред. Наместо тоа, стигнаа информации дека Унгарците се премислуваат и дури се на мислење годинава да не се подели дивиденда, а како одговор на тоа што Владата не ги прифати нивните барања, да бидат вметнати во новиот Закон за електронски комуникации. Затоа, сега во Владата прво ќе чекаат парите да легнат на буџетската сметка, па дури потоа да излезат со информации. Во Министерството за финансии инаку се уште немаат најава дека дивидендата ќе биде исплатена. Последен рок за тоа е крајот на месецов.
Зденка ПАВКОВИЌ