– Што се однесува до нас уште утре можат да почнат натпреварите од најмасовното, клупско натпреварување, Купот на Македонија (мажи и жени). Организациските работи се завршени и бидете убедени дека ќе ќе бидеме повеќе од добри домаќини, онака како што наликува една ваква манифестација. Не е мала работа на едно место да се видат најдобрите во машка и женска конкуренција. Верувам дека и гледачите ќе знаат тоа да го ценат и во голем дел ќе ги исполнат трибините во салата “Парк” , во Струмица, вели еден од луѓето тесно врзани за организацијата Никола Николов, на вчерашната средба со новинарите и претставниците на клубовите кои ќе партиципираат со свои екипи во Купот.
Претставниците на клубовите на вчерашната средба дадоа зелено светло судиите за натпреварите да бидат делегирани од понудената листа, од кои шестмина се со знакот на ФИБА и тројца од листата, според оценките заработени во досегашниот тек на домашната, прволигашка, сцена. Неизвесно е само дали во улога на делител на правдата ќе се најде интернационалецот Зоран Златевски против кого се води дисциплинска постапка во КФМ, бидејќи на средношколски натпревар натепал колега-судија. Кавадарчани побараа од листата да биде изземен и Југослав Диковски, но на вчерашната средба клубовите ништо конкретно не договорија. Имаше предлози на листата за Куп натпреварите да се врати еден од најдобрите судии Марјан Стојовски, но преовлада мислењето дека треба да се почитуваат актите на федерацијата, судиската комисија, бидејќи станува збор за специфичен случај (го прескокна домашното првенство, а судеше на меѓународната сцена).
Дилемите кој ќе ги доделува наградите засега остануваат отворено прашање, во игра се светската кошаркарска легенда Владе Дивац и премиерот Владо Бучковски. Познато е дека годинава Струмица 2005 е домаќин на Купот ( (13-16 април) , ќе се игра по нова формула со осум екипи. Мажите ќе се борат за преодниот пехар на “Вечер” и трајниот на КФМ, а жените за оној од федерацијата. Првиот ден на 13 април ќе играат: Вардар О – МЗТ Скопје 2000, Струмица – Пелистер, наредниот ден Куманово – Изградба комерц Младинец (жени), Ф. Работнички – Фени Индустри и Тоа сум јас – Центар. Во сабота се полуфиналните натпревари во машка и женска конкуренција ( Кимико – Вигор Скопје), а во недела се двете големи финалиња. (С.Т.) фОТО: В. Перковски