Поранешниот светски првак во Формула 1, Англичанецот Дејмон Хил одби да земе учество на Мастерс Гран При трките на ветераните, изјавувајќи дека тоа би било премногу ризично. Првата трка на бившите Ф-1 возачи ќе се одржи во ноември годинава, во Јужна Африка, а уште шест се планирани за идната година. Учеството беше потврдено од поранешните светски прваци: Французинот Ален Прост, Австралиецот Алан Џонс и Бразилецот Емерсон Фитипалди. Шампионот од 1996 година, Хил (44 години), изјави: – Нема да возам, бидејќи сметам дека во животот имав премногу опасни ризици. Возењето е многу опасно и сметам дека педесетгодишниците на патеката доста ќе ги ризикуваат своите животи. Инаку, Прост неодамна го прослави својот 50. роденден, а Џонс и Фитипалди имаат по 57 г. Од останатите поранешни возачи, својата согласност да возат веќе ја дадоа: Џони Херберт, Рене Арну, Андреа де Чезарис и Стефан Јохансон, а деновиве се преговара и со шампионот од 1992 година, Најџел Менсел.