Кошаркарите на Њу Орлеанс Пеликанс го декласираа Хјустон 131:112, во еден од најинтересните натпревари што се одиграа во текот на изминатата ноќ.

Пеликанс одиграа перфектен натпревар против тимот кој минaтата сезона играше во финалето во Западната конференција, а регуларниот дел од сезоната го заврши со најдобар учинок.

Предводени од двоецот Ентони Дејвис-Никола Миротиќ, Пеликанс во еден момент од третата четвртина имаа и максимални 27 поени предност.

Дејвис мечот го заврши со 32 поени, 16 скока, осум асистенции и по три блокади и украдени топки. Миротиќ забележа 30 поени, 10 скока и три асистенции. Џулиус Рендл кој во Њу Орлеанс дојде во текот на летото од ЛА Лејкерс покажа дека ќе биде засилување за овој тим, натпреварот го заврши со 25 поени. Кај „пеликаните“ се истакна и Елфрид Пејтон кој го оствари првиот „трипл-дабл“ во кариерата, по 10 поени, скокови и асистенции.

Ерик Гордон беше најефикасен во редовите на Хјустон со 21 поен, додека Џејмс Харден беше на еден скок до „трипл-дабл“ (18 поени, 10 асистенции, девет скока).

извор: Makfax