Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска со градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, го посетија Центрарот за ран детски развој во село Тркање.

Како што информираат од ресорното министерство, Центарот за ран детски развој, чијшто капациетет е за околу 20 деца, ќе почне да работи од први септември и е во состав на детската градинка „Павлина Велјанова“.
Згрижувањето и воспитувањето на децата во центарот е бесплатно и ќе се реализира по три часа секој работен ден.

„Навистина ми е драго што овој центар во Тркање е во рурална средина и ги прави последните подготовки за отпочнување со работа. Од она што можев да го видам, обезбедени се соодветни услови, опрема и дидактички средства, соодветен кадар, како и програма за вршење на дејноста. Центарот е наменет за деца на возраст од 3 до 6 години и ги повикувам родителите од селото да ги запишат децата за да може да започнат да ја следат програмата од септември“, рече министерката Царовска.

Таа воедно истакна дека Кочани е и една од првите 4 општини која ќе гради нова градинка за над 100 деца со грант од Светска банка, за што минатата недела беа потпишани договори.

извор: Makfax