– Досегашните услови не ги задоволуваа стандардите за спортување кои им се потребни на овие деца. Во 2006 година затекнавме состојби во училиштата и спортот во кои немаше никакви услови и инвестиции. Затоа Владата на Република Македонија направи бројни проекти за спортот низ цела Македонија. Оваа современа сала ќе ги исполнува сите услови за спортување, има гардероби и греење, истакна премиерот Никола Груевски, кој вчера априсуствуваше на поставувањето на камен темелник.

Тој посочи дека со ова се решава долгогодишен проблем на овие дечиња.

Македонскиот премиер вети дека државата ќе направи се што е во нејзина надлежност за да им обезбеди безгрижно секојдневие на децата и вработените од Домот “11 Октомври”.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески истакна дека Владата се води под мотото дека спортот мора да биде достапен за секого и секаде и дека вложувањето во спортот значи вложување во здрави генерации.

Новата спортска сала е наменета за дечињата без родители, но додека тие се на училиште или во вечерните часови, раководството на домот може салата да ја издава и на тој начин да добива приходи кои ќе ги вложува во останатите потреби на овие дечиња.

Инвестицијата чини 28 милиони денари, а спортската сала се очекува да биде свечено отворена за една година.

Со ова се исполнува уште едно големо владино ветување.