Дефицитот мора да се држи под контрола
Македонија идната година ќе троши онолку колку што трошела и годинава. За ММФ не е битна големината на буџетот туку дефицитот. Ова е пораката што вчера високите претставници од ММФ ја упатија пред стартот на ноемвриската рунда преговори со македонската Влада. На оваа рунда во Македонија допатуваа досегашниот шеф на тимот за нашава земја Франек Розвадовски, на кого вчерашната средба во Министерството за финансии му беше проштална, како и новиот шеф на ММФ за Македонија, Марк Грифиц. На преговарачката маса до 10 овој месец, до кога е предвидено да траат преговорите, ќе се најде усогласување на буџетот за 2006 година, како и остварувањето на договорените параметри од новата програма што ја добивме од Фондот на 31 август, годинава, во вредност од 59 милиони евра. “Ова е прва мисија откако бордот на ММФ го одобри новиот програм. Главна цел на мисијата е да се разговара со властите за буџетот за идната година, како и за досегашната имплементација на програмата. Мислам дека е вистинска програма за Македонија, и убеден сум дека ако таа биде целосно имплементиран ќе создаде основа за многу поголем развој и просперитет во земјава”, истакна Розвадовски.
Неговиот наследник, Марк Грифиц во својата прва изјава, смета дека програмата за Македонија има добар почеток. “Растот е прилично силен, инфлацијата е ниска и мислам дека вашата земја направила одлична работа”, вели Грифиц. Во поглед на големината на државната каса за идната година Грифиц е со став дека фискалната политика мора да се држи стабилна и под контрола. “Не премногу високи дефицити, разумни дефицити, економијата да се држи стабилна под контрола, да има растеж на економијата како што се случи оваа година. Тоа е начинот на кој треба да се работи, а досега имаше успех на ова поле”, изјави Грифиц. Високиот претставник од ММФ, кој на оваа функција стапи летово, е Британец и работел во тимот на ММФ за Турција.
Весна М. БОЖИНОВСКА