Олимписката и светска шампионка на 5.000 метри Масарет Дефар (Етиопија) го собори светскиот рекорд на 3.000 метри на атлетскиот митинг во Штутгарт. Таа сите конкурентки ги остави далеку зад себе вклучувајќи ја и нејзината сонародничка Дибаба која ги имаше истите амбиции како Дефар. Масарет патеката ја истрча за време 8:23:72 минути што е за 4,21 секунда побрзо од нејзиниот стар светски рекорд исто така поставен во Штутгарт на 3 февруари 2007 г (8:27:93). Таа со оваа победа потврди дека е сериозна кандидатка за повеќе златни медали на Олимписките игри во Пекинг. Во Кина приоритет ќе и биде златото на 10.000 метри со кое не успеа да се закити на Светското првенство во Осака (Јапонија).

-Среќна сум што успеав да го соборам светскиот рекорд. Ова е само почеток за тоа што планирам да го постигнам сезонава. Едноставно се надевам дека ќе ја задржам оваа форма до крајот на сезоната, а на игрите во Пекинг планирам да дадам се од себе за освојување на златото во повеќе дисциплини. Знам дека ќе биде тешко, меѓутоа ќе се обидам, изјави Дефар.

Одличен резултат и втора победа во сезоната оствари и светската шампионка во скок во височина Бланка Влашиќ (Хрватска). Таа на митингот во германскиот Арнстад без вистинска конкуренција и со прескокнати 203 сантиметри, во првиот обид, се закити со втората победа сезонава откако минатата недела триумфираше на митингот во Гетеборг (Шведска). Светската шампионка откако ја осигура победата ја постави летвата на 206 сантиметри, но не успеа да постави нов државен рекорд во сала.

-Ова е добар знак за мене. Мислам дека почнувам да ја губам конкуренцијата, но како што наближуваат Олимписките игри мојата мотивација за успех е се поголема, вели Влашиќ.