Mаж од источно-африканската држава Еритреја на возраст од 40 години, во понеделникот турнал мајка (40) и нејзиниот малолетен син (8) на железничка пруга во Франкфурт.
Мајката успеала да го избегне налетот на возот, но нејзиниот син бил прегазен и загинал на самото место.

Според последните информации, мажот не ги познавал жената и детето. Полицијата и натаму го истражува точниот мотив, но некои извештаи на медиумите велат дека тој сакал да се одмазди за напад врз негов сонародник, кој бил извршен во Есен на 22 јули. Германец пукал од својот автомобил и повредил друг Еритреец, по што се самоубил.

Инаку, напаѓачот во Франкфурт претходно бил во Швајцарија и е барател на азил. Тој избегал по нападот, но бил фатен од случајни минувачи и предаден на полиција, пренесе „24сата.хр“.

Некои од сведоците на нападот на железничката станица во Франкфурт доживеале шок и им била укажана лекарска помош. Мајката на загинатото момче претрпела нервен слом.

Ова е трет ваков напад во Германија од почетокот на годината. Џексон Б. (28), по потекло од Србија, ја турнал Ања Н. (34) на шини на станицата Воерде на 20 јули. Како што рекол во полиција, тоа го сторил едноставно од желба да убие некого. Во моментов, тој е во притвор.

Лука и Фредерик, двајцата на возрасрт од 16 години, на 27 јануари годинава се враќале од забава. На метро станица во Нирнберг започнале да се расправаат со двајца 17-годишници. Повозрасните момчиња ги турнале помладите на шините. Нив ги прегазил воз и починале на лице место. Против еден 17-годишник започнат е судски процес, пишува „Билд“.

извор: Makfax