Претседавачот на Собранието Талат Џафери изјави дека ќе закаже продолжение на конститутивната седница штом добие потврда дека партиите ги решиле двете останати прашања – избор на претседател на законодавниот дом и комисија за избори и именувања. Вели дека не е и нема намера да биде причина за блокирање на институцијата и оти ги следи процедурите.

Во моментот кога ќе има предлог дека се решени прашањата по однос на комисијата за избори и именувања и кандидат за претседател на Собранието, без разлика кој и да е тој, моја обврска според Деловникот е да продолжам со седницата за да може да се довршат тие точки. Јас во тој правец не правам никаков проблем, рече Џафери за дневникот на Сител. 

Во однос на можноста за ротирачки премиер или ротирачки собраниски спикер, Џафери рече дека тоа е пакет на политички договор меѓу партиите кои прават мнозинство и во таа насока, како што рече, не се раководи од личните статусни прашања.

Работата е политичка. Затоа се доделува мандат за состав на Влада и програма за работа на владата  која се поднесува до Собранието. Ако во тие 20 дена преговори за состав на влада го имаат соодветното парламентрано мнозинство, во рок од 15 дена од приемот на предлог составот и програмата на Владата, Собранието треба да одржи седница и да избере влада. Доколку е политичкиот договор таков, тоа е неспорно, нагласи Џафери.

СДСМ закажа Централен и Извршен одбор во среда, официјално потврдуваат за Сител од партијата.

Според неофицијални информации на Вечер.мк од извори во ДУИ, распоредот на ресорите, досега начелно постигнат на ниво на министри, изгледа вака:

Министерство за Финансии – СДСМ
Министерство за Земјоделие – СДСМ
Министерство за Труд и Социјала – СДСМ
Министерство за Здравство- СДСМ
Министерство за Одбрана- ДУИ
Министерство за Локална Самоуправа – ДУИ
Министерство за Информатичко општество – ДУИ и проценка дека треба да се укине следната година
Министерство за Правда – СДСМ
Министерство за внатрешни работи – ДУИ
Министерство за надворешни работи – Коалиционен партнер
Министерство за Екологија – ДУИ
Министерство за Култура – Коалиционен партнер
Министерство за Транспорт и Врски – Коалиционен партнер
Министерство за Образование – СДСМ (се споменува Петар Арсовски како можен кандидат)
Министерство за Дијаспора – коалиционен партнер – и проценка дека треба да се укине следната година

Вице Премиер – ДУИ Бујар Османи

Вице Примиер задолжен за евроинтеграции – СДСМ Радмила Шеќеринска

Вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – коалиционен партнер

Генерален Секретар на Влада,Тахир Хани ДУИ, досегашен заменик ген-сек на владата

Претседател на Парламентот – Оливер Спасовски

Порталот 360степени објави дека Талат Џафери и во овој мандат ќе раководи со Собранието. Според нивните информации, ова е дел од политичкиот договор меѓу коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, и ДУИ за заедничко владеење во следните четири години, кој треба да биде допрецизиран утре од лидерите Зоран Заев и Али Ахмети.

Од СДСМ велат дека се уште се на ставот оти конечен договор за новата Влада со ДУИ ќе има утре. 

Заев и Ахмети утре седнуваат на заедничка маса за финален договор за формирање на новата Влада. Информацијата денеска ја потврдија од СДСМ преку писмено соопштение.

„ За време на викендот и денес продолжија интензивните работни средби меѓу претставниците на СДСМ и Коалицијата “Можеме” и ДУИ со цел креирање коалициски договор за идна стабилна Влада на Република Северна Македонија. Тимовите на СДСМ и ДУИ интензивно работеа на создавање брз и темелен коалициски договор уште во првите денови од уставно определениот рок од 20 дена после добивањето на мандатот. Во разговорите кои се водат на ниво на генерални секретари постигнат е сериозен напредок по однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада. Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години.“ – стои во соопштението на СДСМ.

 Од ДУИ вчера доцна вечерта преку писмено соопштение ги обвинија партиите од албанската опозиција дека им ги минираат преговорите.

„Албанците не заслужуваат толку недостоинствена и неконзистентна опозиција која поставува услови само за Албанците, додека скитаат по ходниците на СДСМ и на ВМРО само за да предизвикаат неуспех во реализацијата на националните прашања. Поднесете Оставка за својата 16-та загуба по ред, бидете достоинствени и со демократски капацитет и не ги потценувајте ги Албанците. Неуспешните узурпатори на опозицискиот кампус својот личен неуспех го претвораат во неуспех на Албанците стоејќи на шалтерите на СДСМ и ВМРО дење и ноќе со молби албанските барања да не се реализираат.“ – стои во соопштението на ДУИ.

Од Алијанса на Албанците велат дека ДУИ само бара алиби за неуспехот да го реализира своето клучно ветување од предизборниот период а тоа е избор на премиер Албанец.

Од партијата на Села уште еднаш изразија подготвеност да гласаат за кандидатот на ДУИ, но само ако тој добие нов 4 годишен мандат. Од таму велат дека Владата со поддршка од 62 пратеници е веќе договорена и дека во меѓувреме, СДСМ и ДУИ прават театар за граѓаните во обид да си најдат оправдување за фактот дека нема да ги реализираат своите предизборни ветувања.

Во ВМРО-ДПМНЕ и денеска не го коментираат преговарачкиот процес.

„Се уште траат преговорите за формирање на парламентарно мнозинство од страна на узурпираниот мандатар од страна на Стево Пендаровски, така да во овие моменти би почекале да видиме што ќе се случи во следниот период“ – изјави на прес конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој додаде дека во моментов партијата работи на инцијатива до Уставниот суд со која ќе се оспори постапката во која Претседателот Пендаровски му го додели мандатот за формирање на нова Влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев минатиот четврток доби мандат од шефот на државата, Стево Пендаровски за формирање на Влада. 

Рокот во кој Заев треба да ја состави новата Влада и предлогот да му го достави на Собранието истекува на 2 септември.

По ова, Собранието има рок од 15 дена предлогот да го стави пред пратениците. За избор на новата Влада на мандатарот ќе му треба поддршка од 61 пратеник.

Ако се изземат претходните избори, кога од денот на гласањето до формирањето на новата Влада поминаа 171 ден, сите претходни владини кабинети од 1994 до 2014 во просек се избирале во рок од 49 по одржувањето на изборите.

Од 15 јули до денеска се поминати 33 дена, што значи дека евентуален избор на Влада во периодот до крајот на месецот би ја ставил и оваа постапка во рамките на историскиот просек.