„Демолирани автобуси во Бит Пазар во кои се превезуваа ‘Комитите'”, „Шверцерите ги каменуваа Комитите”, „Дојде живот, и почнаа Шиптарите да ги тепаат Македонците на сред Бит Пазар”, „Гласајте пак за ‘живот'”…, ова беа само дел од вчерашните наслови на одредени портали и коментари на социјалните мрежи, за вчерашната тепачката што се случи на Бит Пазар, во која беа повредени тројца луѓе, кои со возила на итна медицинска помош беа префрлени во Ургентен центар.

Навивачката група „Комити” откако меѓусебно се степале на западната трибина додека траеше натпреварот, помеѓу Вардар и Реал Сосиедад, кој се одигра во рамки на Куп на УЕФА, (меѓутоа натпреварот не беше прекинат ниту интервенирала полицијата да ги раздели), тепачката ја префрлиле во автобусот на ЈСП со број 50, но овојпат тепале обични граѓани.

„До полицијата било пријавено дека на постројката за автобуси, кај 26-ти Јули, односно на Бит Пазар, на вториот кат од автобусот неколку луѓе се степале, а потоа тепачката продолжила и на долниот кат од автобусот. Едно од лицата учесник во тепачката го фатил воланот на возачот и предизвикал сообраќајка односно автобусот удрил во приватен автобус број 20″, се наведува во соопштението на МВР.

„По отворањето на вратите на автобусот, тепачката продолжила на самата постројка, но по пристигнувањето на полициските службеници лицата се разбегале во различни правци. Полицијата привела едно лице, а се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и идентификација на сите учесници во насилството”, велат од МВР.

Меѓутоа останува отворено прашањето, на кого му одговара во овој период да има инциденти? Во изминатите години бевме сведоци дека секогаш пред избори се користеа младите, особено навивачките групи да прават нереди и тепачкиво автобусите, улиците, училиштата… На тој начин претходната власт играше на национална карта и креираше лажна слика дека има меѓуетнична нетолеранција. Деновиве се уапсени неколку лица кои беа учесници во инцидентите на 27 април во Собрание, уапсени се и началниците на ДБК кои ги бараше полицијата со потерница… Дали институциите ќе дозволат да има нереди и да гинат млади луѓе, само колку да се префрли фокусот и вниманието од вистинските проблеми…?